ОФИЦИЈАЛНО: Суперлигата се „роди“, Перез е главен, ќе играат 20 екипи!

Она што долго време се најавуваше, од денес е официјално! Се „роди“ европската фудбалска Суперлига, каде ќе играат најдобрите екипи од стариот континент и ќе ги заменат настапите со Лигата на шампионите.


Незадоволни од третманот од УЕФА, великаните одлучија да си формираат свое натпреварување каде секоја недела ќе играат супер-квалитетни натпревари, нешто по принципот на кошаркарската Евролига.


Интер, Милан, Јувентус, Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Ливерпул, Арсенал, Челзи и Тотенхем се екипите кои официјално прифатија да бидат дел од оваа лига. Неофицијално, „ДА“ кажале и од Баерн Минхен, а се чека на РБ Лајпциг, тука е и Порто.


Лигата ќе биде составена од 20 тима, од кои 15 ќе имаат загарантирано место секоја година (екипите кои се наведени, плус три, се претпоставува дека тоа се Баерн, РБ Лајпциг и Порто), додека останатите пет ќе бидат екипи кои ќе играат бараж за да добијат место во новоформираната елитна лига.


Неофицијално, се говори дека екипите ќе добиваат по 350 милиони евра за учество во оваа лига, па не е изненадување што вакво нешто се оствари. УЕФА и ФИФА најавија остри санкции и им се заканија на клубовите, но од вечерва, Суперлигата е реалност.


Главен човек на фудбалската Суперлига ќе биде Флорентино Перез. Заменик претседател е Андреа Ањели од Јувентус, додека заменик-раководител е Џоел Глејзер од Манчестер Јунајтед.



извор: gol.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838