Врањеш: Македонците се најлошиот противник, играат со сето срце за својата земја


Уште многу малку останува до стартот на Европското првенство кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка. Македонската ракометна репрезентација во првото коло (13. јануари) ќе ги одмери силите со Словенија, противник кој е фаворит на оваа пресметка.

Иако предводникот на оваа селекција, Љубомир Врањеш добро знае дека има посилен состав, сепак е доволно свесен дека Македонија и тоа како може да биде опасна. Нашите момци многу пати до сега покажаа дека не се предаваат лесно.

Врањеш во интервју за „сиол.нет“ зборуваше за првата средба токму против Македонија. Со оглед на тоа дека во следната рунда одат првите две репрезентации од секоја група, стартот е важен за сите. Па не крие дека првата цел е победа. „Сакам да поставувам цели кои се реални. А нашата прва вистинска цел е победа против Македонија. Тие се веројатно најлошиот прв противник што би можел да го посакаш. Свесни сме за ова и се подготвуваме за тоа. Се трудиме да се прилагодиме на секоја ситуација. Важно е постојано да останеме реални и момците во исто време да продолжат да веруваат дека речиси сè е можно“, анализира Врањеш.

Предводникот на Словенија потенцира дека македонските ракометари играат со сето срце за својата земја, па токму затоа ќе биде тешко.

„Македонците се силна репрезентација, емоциите ги носат на секој меч, многу се горди и навистина играат со сето срце за својата репрезентација. Ова е најголемата опасност. Секогаш се опасни на првите натпревари, дури и ги победија Франција и Данска на претходните турнири. Тие се добар тим, но и ние. Имаат и добри кружни напаѓачи кои се многу силни. Не знам колку ќе игра Кирил Лазаров, кој е одличен ракометар, но не може сам да го добие натпреварот. Почнуваат да играат брз ракомет и ако и нивните голмани се расположени, тогаш ќе бидат опасни“, додаде Врањеш.

Македонија на 11. јануари заминува за Дебрецен, градот домаќин на нашата група А, во која уште се наоѓаат и Црна Гора и Данска.


29060043_2016680208590936_36926234558838