Илиевски изгради гигант од КК Пелистер - Општина Битола застана зад кошаркарскиот проект


Малкумина веруваа дека Пелистер може да ја повтори одличната ланска сезона, во која долго време доминираше, во плеј-офот влезе како најдобра екипа во регуларниот дел на шампионатот и веројатно во нормални услови ќе се бореше за титулата. Но, ланската сезона беше целосно ненормална. Прво се играше во ковид-пандемија, па беше изменет системот на натпреварување, потоа се случија неколку чудни резултати на крајот од регуларниот дел, а потоа пелистерци ги снајде долг период без тренерот Марјан Илиевски, кој остсуствуваше заради здравствени причини. Сите овие фактори доведоа Пелистер во мај и јуни да не биде истиот тим од претходниот период во сезоната.


Сепак, годинава клубот доби награда за првото место во регуларниот дел на сезоната со учество во АБА2 лигата. Тренерот Илиевски се врати на своето работно место и креираше супер-тим, кој високо цели сезонава. Ретко кои странци во мак-кошарката се прилагодиле како Кесар и Малешевиќ во Битола, а и македонските кошаркари креираа „костур“, многу посилен од минатата сезона. Дури и вака некомплетен, тимот во зелено-бело, без прв избор на позиција плејмејкер, беше пресилен за сите ривали во првиот дел на шампионатот. МЗТ Скопје беше последниот тим кој овој Пелистер на Илиевски не го победи и дома и во гости овие две сезони, но еве и тоа се случи. Синоќа битолчани реализираа шутерско шоу и создадоа предност на врвот на табелата кое може да биде одлична хипотека за прво место пред Суперлигата и плеј-офот.


Илиевски креираше гигант и има предуслови уште повеќе да го засили. Битола застана зад кошаркарскиот проект, деновиве ќе биде промовирана новата управа, а најавено е и уште едно засилување за почетокот на 2022 година. Непредвидливите два месеци без клупски структури се минато и Пелистер има „залет“ за големи дела, можеби и прв трофеј во клупската историја.


„Чкембарите“ најавуваат дека ќе ја исполнат салата „Боро Чурлевски“ исто како на ракометните натпревари, а клубот ќе го зголеми буџетот и ќе се обиде целосно да го испрати и подобри проектот кој започна минатото лето. Битолската кошаркарска приказна уште не го достигнала врвот и 2022 година може да биде клучна во растот на клубот од под Пелистер, пренесува Гол.мк.

29060043_2016680208590936_36926234558838