ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во пол-позиција за големата награда на Македонија


КОЛУМНА - Виктор А.К.А. Башлак


Во предизборната кампања на минатите локални избори, Зоран Заев, меѓу другото, вети и стаза за формула 1 натпреварување, па оттаму се одлучив за овој наслов во однос на новонастанатата ситуација на политичката сцена.


Имено, за оваа ситуација пишував и претходно во колумната “Политички мртовци и пензионери”, каде истакнав дека Африм Гаши e единствениот политичар од опозициониот блок кој се согласи да седне на маса со Зоран Заев и да разговара. Се разбира, Зоран Заев немаше некој преголем избор, но затоа пак Африм Гаши имаше и тоа како меѓу што да избира. Пред Африм Гаши се испречи власта и коалиција со Зоран Заев и автоматски политичка пензија, која ќе биде пропратена со распад на Алтернатива од каде се очекува цели локални експозитури да преминуваат во Алијанса за Албанцијте, кои патем објавија дека: во истиот момент после потпишувањето на договорот Гаши-Заев и од моментот кога Алтернатива ќе пристапи кон власта, нивната коалицијата со Алтернатива е завршена. И од другата страна, Африм Гаши имаше можност да остани во опозицијата, а со тоа да си обезбеди за неколку месеци, максимум до година, учество во новата влада. Се разбира, Африм Гаши не е мало дете и ја знаеше целата ситуација, а знаеше и дека, доколку пристапи кон власта, ќе ја спаси и позицијата на ДУИ, која со падот од власт, ја очекува судбината на ДПА и поделба на минимум три дела. А сега вака ДУИ не изгуби ниту едно место, а доби некое време во власта и пол-позиција за наредните избори.


За својата извесна политичка пензија, Африм Гаши доби: Министерство за здравство, Министерство за информатика, Заменик претседател на Собранието, Министер за дијаспора, Заменик министер за култура, Заменик министер за земјоделство, Заменик министер за земјоделство или транспорт за финансии, Мепсо, Железнички транспорт, Управа за болница Тетово, Национален граничен координатор, Пензиски фонд, Регистри, Заменик директор во Испитен центар, Инспекторат за локална самоуправа, Социјален центар Скопје, Заменик директор во Сл. Весник, Директир затвор Идризово, Агенција за странски инвестиции, Агенција за претприемништво, Природно-математички музеј, Институт за културно наследство, Инспекторат за стандардизација, Театар Гостивар, Тетовска библиотека, Агенција за млади и спорт, Зам. дир за индустр.сопственост, Помошник министер во МВР, Раководител на сектор МВР, Раководител на сектор во Царина Охрид, Началник емјодел во Долнени, Агенција за вработување Струга, Кино Струга, Сектор МВР, Тетово, Директор на Клиника Скопје, Управен одбор, членови, Надзорен одбор, член, Директор на Испитен центар, Управен совет на МК Патишта, Надзорен совет на МК Патишта, Управен одбор во железничка инфраструктура, Управен одбор на аеродром, Управен одбор во Пошта, Надзорен одбор во Пошта, Управен совет во агенц. за пасишта, Директор архив Струга, или дупло повеќе позиции од партиите на Горан Милевски, Павле Трајанов, Енес Ибрахим, Љубчо Георгиевски и Маја Морачанин заедно. Да беше Гаши уште малку по упорен сигурно би добил и акции во фирмите на Зоран Заев.


Сега ситуацијата во владата е многу шаренолика и постои голем дисбаланс, а стабилноста за многу брзо веќе е ставена на тест, кога Зоран Заев се појави пред остантите коалициони партнери и се разбира финалното тестирање ќе биде пред собранието кога целата оваа реконструкција треба да се гласа. Негодувањата стигнаа и тие не би требало да се земат со доза на наивност, нопознавајќи го пазарџискиот капацитет на Зоран Заев и познавајќи го нивото на само почит и достоинство кај коалиционите партнери на Заев, ништо чудно и со нив да ја договорат работата како на пазар во Горни Милановац. Во владата членуваат 18 министри и заменици Албанци и 17 министри и заменици од останатите етнички заедници, а што се однесува до СДСМ остана со само неколку ресори или што би се рекло, во владата од СДСМ остана само портпаролот. А моментот дека ќе се врши меѓународна ревизија на пресудите за неколку предмети е толку наивен, што за еден правник е беспредметно да го коментира.


Како сето тоа ќе успее Зоран Заев да го продаде кај своето членство и како после овие шамари ќе може СДСМ да се консолидира, тоа не би требало нас, кои не сме членови на СДСМ да не загрижува, но како граѓани на Република Македонија и тоа како не интересира кога пред нас претстои дипломатско-политичка битка за постоењето на македонскиот народ во разговорите со Бугарија. Влезот во ЕУ не ме интересира, бидејќи е невозможен со ваква политика, но во секој случај идентитетот на народот, со ова раководство е под голем знак прашалник. Се поставува прашањето дали Зоран Заев може толку лесто да се откаже од имагинарните црвени линии, кои впрочем, и не постојат, исто како што се откажа од “Супер Венко”!? Зоран Заев се откажа и од мнозинството на ресори само за да остане на власт уште некое време. Всушност дека Зоран Заев е нестабилен политичар се покажа многу пати во текот на овие 5 години, а тоа се потврди со потпишувањето на Преспанскиот договор. СДСМ се наоѓа во скутот на ДУИ и не може да се помрдне ни лево ни десно и единствена опција е само право во бездната додека ДУИ не одлучи дека е доста. Односно како и што пишав претходно, Али Ахмети ја има власта врз апаратите на кои е приклучен Зоран Заев и само Али Ахмети одлучува кога Зоран Заев ќе биде политички мртовец. Сега СДСМ се обидува да се оттргни од спрегата на ДУИ со креирање на кривични пријави како онаа за директорот на Албанска азбука, но тоа е многу слабо, неодржливо, несериозно и многу предвидливо за ДУИ, а згора на се, Зоран Заев, одамна го изгуби влијанието во правосудството.


Од вака поставените фигури, на политички план, се прави голем простор за ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот политички блок. Градоначалниците сериозно си ја сфатија работата и ги засукаа ракавите што дополнително ги засилува позициите на ВМРО-ДПМНЕ. Ветените решенија по претпријатијата и по државните фирми и институции, СДСМ не успеа да ги испорача, па сега се јавува огромна дупка од незадоволство и демотивација кај првоборците на партијата. Што се однесува на дипломатски план, пак, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, покажа стабилен став во однос на разговорите со Бугарија што уште повеќе ја зацврстува на пол-позицијата, а уште повеќе го мотивира членството и македонскиот народ, дека сепак има уште нешто што може да се спаси од националните идентитетски интереси.


Во секој случај, новонастанатата ситуација во политиката вроди со пол-позиција за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во престојната трка за големата награда на Македонија. Останете така, ќе биде трагично.

29060043_2016680208590936_36926234558838