100 милиони евра, ново задолжување на Македонија од Европската инвестициона банка


Заем од 100 милиони евра од Европската инвестициона банка ќе земе земјава, со цел државата да им помогне на малите и средните, но и средно капитализираните претпријатија, преку евтини кредити кои Развојната банка ќе ги доделува преку комерцијалните банки во земјава.


За да се склучи договорот за заем, кој ќе го земе Развојната банка, народните избраници треба да изгласаат закон за државна гаранција, чии предлог е веќе во собраниска процедура.


Владата одлучила да го побара овој заем на седница одржана во ноември лани.


„Со цел целосно задоволување на потребите на малите и средните претпријатија погодени од пандемијата ковид 19, согласно Заклучокот од седница одржана на 06 ноември и со допис од 13 истиот месец, Министерството за финансии и Развојна банка на Северна Македонија, во име на Владата, побараа од ЕИБ заем во износ од 100 милиони евра. Заемопримач ќе биде Развојна банка, додека Република Северна Македонија ќе издаде државна гаранција“, се вели во владиното образложение.


Развојна банка ќе ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки, како посредници до крајните корисници. Крајни корисници ќе бидат малите и средни претпријатија, а тоа се оние со помалку од 250 вработени, и средно пазарно капитализирани претпријатија, од 250 до 3.000 вработени.


Развојната банка ќе понуди поволна каматна стапка на деловните банки што ќе овозможи банките да ги пласираат средствата на крајните корисници со пониски маргини и каматни стапки до 1,6 отсто, за субвенционираниот дел и 3,2 отсто, за несубвенционираниот дел, како и рок на отплата до 12 години, со вклучен грејс период 24 месеци, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или за зголемување на потребите за обртни средства.


Законот ќе се носи по скратена постапка.


За секое повлекување на износот од заемот во транша ЕИБ ќе издаде Известување за повлекување, во кое ќе бидат утврдени конечните финансиски услови на траншата, меѓу кои се износот, датумот на исплатата, каматната стапка, рок на отплата и останатите услови за повлекување на средствата.


Заемот ќе се повлекува во најмногу 20 транши. Минималниот износ на траншата е 5.000.000 евра.


Рокот за отплата на заемот ќе се одредува за секоја транша одделно во Известувањето за повлекување на траншата.Каматната стапка ќе се одредува за секоја транша од заемот одделно, во Известувањето за повлекување на траншата.


Сервисирањето на заемот ќе го врши Развојна банка, во рокови и услови предвидени во Финансискиот договор.


Од Владата навеле дека поради итноста на склучувањето на Финансискиот договор со цел обезбедување средства за фирмите, овој закон треба да влезе во сила со денот на објавувањето во Службен весник.



извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838