ВИДЕО I Пyтин ќe ja анектиpa пoлa Укpaина ? – Pycиja тpyпа вojcка и opyжје


Во последните недели Русија трупа оружје и војска на границата со Украина, со што се вклучи алармот во НАТО. Алијансата како и Вашингтон официјално побараа одговор од Москва, зошто руската армија носи трупи на запад, но одговор не добија.


Секогаш кога одредена армија почнува со распоред на силите и концентрација на сила на одредена точка тоа значи дека се најавува одредена активност. И сега прашањето е дали рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за целосна војна во Украина? И додека Путин во минатото преку конфликтот во Донбас или при анексијата на Крим покажа дека има механизми за директно или индиректно влијание во Украина, доколку и се случи некаква руска интервенција се чини дека во моментов западот нема многу опции како би се спротиставил на руската акција.


Русија ја засили и својата поморска сила во регионот па испрати четири воени брода од балтичката флота преку Ла Манш за да ги засили единиците во Црното Море. Руската армија почна да се трупа на границата со Украина, откако Киев доби американска помош во механизирани возила, но прашање е дали тоа е вистинската причина за евентуална руска интервенција.


Русија смета дека дел од Крим се’ уште е окупиран од Украина и можеби тоа би било повод за влегување на запад и пробивање до сега веќе рускиот Крим. Во Донбас пак зачестија престрелките меѓу проруските бунтовници и украинската армија и тоа би можело да биде искористено како повод за Путин да ги прати своите единици.


Украинскиот амбасадор на ЕУ Микола Точицки пак директно ја обвини Москва дека подготвува воена интервенција во неговата земја со образложение дека сака да “ги заштити руските граѓани” во Источна Украина. Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис пак ја повика европската унија да биде подготвена да делува и да ја заштити Украина доколку дојде до руска агресија.


Но во реалноста е јасно дека тие повици можат да останат само на ниво на декларативни заложби, бидејќи доколку НАТО нема јасен механизам за одбрана на Украина, европската унија може само да сонува за такци способности. И додека зборуваме за најекстремните кошмарни сценарија, Путин можеби засега само се обидува да ги исплаши Европа и Украина за да добие помали отстапки.


Рускиот претседател исто така можеби само ја тестира новата американска администрација на претседателот Бајден. Москва веќе одредено време се обидува да издејствува посебен статус за Донбас, и сегашното воено распоредување може да преставува дополнителен притисок врз Киев, Брисел и Вашингтон за постигнување на целта. Претходно Русија лобираше преку Франција и Германија за тие да извршат притисок врз украинскиот претседател Зеленски за ова барање.


Но и во оваа варијанта се враќаме на првичното прашање, доколку и се работи за руски блеф, прашање е што има западот во ракавот со што би можел да одговори на него. Во целата игра постои уште еден фактор, што украинската армија е подобрена од минатото и е зајакната во седумгодишните борби со слаб интензитет во Источна Украина.


Дополнително Киев ги набави и турските дронови “Бајкрактар”, а токму тие летала го решија конфликтот во Ерменија во корист на Азербејџан.


Руската акција може да има и друга позадина, во минатото кога рускиот претседател беше соочен со политички проблеми дома, или со нарушен имиџ во странство, секогаш му помагаше звецкањето со оружје, бидејќи на тој начин Путин успешно го одвлекуваше вниманието од своите слабости. Сега со трупањето на војска кон Украина се намали и меѓународниот притисок врз Русија околу судбината на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, чие здравје во затворор се влошува.


извор: infomax.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum