Утешение грешним !!!


Колумна - Виктор А.К.А. Башлак


Во изминатите 50 дена бевме сведоци и учесници во најмизерната кампања што некогаш сум ја видел. Бидејќи јас сум со многу скромно изборно искуство, ги прашував постарите и поискусни учесници во бројни изборни кампањи и за жал чувството е исто. Да, оваа кампања беше една од најтешките и најмизерни. Кампања со ниски удари, со лични навреди кои намаат никаква врска со политиката и понудената програма и содржина. Со полициски притисоци, претреси, стресови, закани. Притисоци по лебот и егзистенцијата, малтретирања, промени на решенија во работните единици. Навистина можам да заокружам дека беше страшно.


Потоа, како капак на се беше огромниот поткуп на гласачи, посебно на гласачите од социјално ранливите категории. Не се бираа средства, дури неколку пати бев сведок кога брендиран автомобил со ликот на Христо Кондовски оди во “акција”, а позади тој автомобил вози џип со полициски службеници во цивил кои ги познавам од низ град. Заокружено, сето тоа е нешто што во демократските држави е незамисливо, непоимливо, го нема во иста реченица.


Силата на поткупувачите, насилниците, уценувачите и целата сила на таа тортура во целокупната кампања, која повторувам, беше најмизерната кампања во која досега сум учествувал, завршува зад параваните. Дека тоа е така, докажаа токму граѓаните во Неделата. Никој неможи да те уцени и заплаши таму позади параванот во моментите кога ти си власт во државата и кога непосредно даваш летимитет или одземаш. Тоа е тоа, а во Недела народот убедливо победи, не само на изборите, туку го победи и стравот и целата тортура изминатите 50 дена, или ако подобро сакате изминатите 5 години.


Она што најповеќе ме боли и ми е криво, а воедно ми претставува терет, е тоа што, симпатизерите на СДСМ и обичните членови на СДСМ или ако подобро сакате, идеолошки наклонетите граѓани кон СДСМ, овој изборен пораз или оваа промена го доживеаа како нешто лично. Оставката на Зоран Заев ја доживуваат како бродолом, потоп, апокалипса.


Луѓе, застане бе. Ете видовте дека утрово повторно огреа сонцето, видовте дека повторно во пекарите излезе пресен леб, видовте дека на пазарот повторно има свежа роба, се функционира како што треба. Немојте да се депримирате, се ќе биди во најдобар ред. Вистина грешевте што постојано низ овие 5 години го слушавте Зоран Заев кој постојано сите нас не лажеше и упорно не влечеше за нос, но неговата одговорност, во никој случај не е ваша. Нивната безочна кражба не е ваша и за тоа нема вие да одговарате. За кражбите и за јавашлукот изминатите 5 години ќе си одговараат тие кај кои ќе биде утврдена кривична одговорност, обичниот народ нема и неможи да одговара за нешто што несторил. Обичниот човек не може и не смее да биде предмет на политичка освета, всушност политичката освета треба да биде минато еднаш за секогаш, бидејќи ние не сме непријатели, ние сме опоненти, луѓе со различен приод кон решавање на истиот проблем. А доколку барате некој виновен за целата таа ситуација, ве молам барајте ја во сопствените редови, кај тие што 5 години не крадат и вас и нас, барајте вина кај тие што 5 години ве влечат за нос и ве лажат. Токму тие ви ја наметнаа таа апокалиптична атмосфера и ве натераа да се чувствувате како да после вчерашниот ден ќе настапи армагедон. Токму тие во желбата да останат и понатаму во фотељите од кои вршеа страшни работи, ви наметнаа лажна слика дека од другата страна има човекојадци кои сакаат да ве изедат. Тоа не е точно и е безумна лага, впрочем оние кои јадат “човечко месо” и човечки судбини се тие.


Луѓе развеселете се, добивте домаќини за предводници на општините, денес огреа сонце, утре ќе биди исто и секој нареден ден. Утешете се бидејќи општините и државата се ваши исто колку што се наши. Дајте да се потрудиме да нема повеќе поделби на наши и ваши, да бидиме сите Битолчани и Македонци, да останиме само лица, граѓани, луѓе кои имаат различен приод кон решението на ист, заеднички проблем.


29060043_2016680208590936_36926234558838