КУМАНОВСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА НЕМА ДОВОД НА КИСЛОРОД, А ОД 90 КОВИД БОЛНИ 80 СЕ НА КИСЛОРОДНА

Деведесет пациенти заразени со ковид-19 лежат во модуларната болница и во ковид одделенијата во Општата болница Куманово, од кои 80 се на кислородна поддршка.


Дополнително 104 пациенти се лекуваат во дневната болница. Инфективното одделение и модуларната болница во Куманово, немаат централен довод на кислород, па за потреби на пациентите се користат боци на кислород. Вработените кажуваат дека дневно транспортираат по стотина боци, кои тежат по сто килограми.


На прашањето на САКАМДАКАЖАМ до директорката Захариева, зошто во новата модуларна болница не е вграден централен довод за кислород, таа одговори дека првичната замисла била да се постави на Инфективното одделение, но поради големиот прилив на пациенти тоа не се реализирало.


„Искрено, не можевме да предвидиме кога ќе дојде нов бран и нов наплив на пациенти, бидејќи првичниот услов беше да се постави централниот довод за кислород во објект во којшто нема пациенти. Нашата прва замисла беше тоа да не биде во модуларната болница, туку на старото Инфективно одделение, за да им остане и кога ќе помине пандемијата. Но, се случи дека ние немаме период кога не се полни објектите, а и финсиски не сме во можност. Ние имаме огромни трошоци за набавка на лекарства и лабораториски реагенси, храна на болни, поголема потрошувачка на мазут и струја и сè останато, со оној буџет којшто располагаме, не бевме во можност да поставиме“, вели Захариева.


Бидејќи Министерството за здравство не обезбедило пари, раководството на болницата се обидело да обезбеди помош и преку бизнис заедницата во градот, но се останало само на иницијатива. Директорката се надева дека бројот на заболени наскоро ќе се намали и ќе може да се работи на решавање на проблемот со централниот довод за кислород.


Директорката вели дека во моментов огромна е бројката на хоспитализирани пациенти, а има уште 13 слободни места.


„Но, секој ден се отпуштаат пациенти, се примаат нови, добар дел се на дневна болница, меѓутоа нема да дозволиме да останат незгрижени. Пациентите со средно тешка и тешка клиничка слика. За жал, старосната структура е сменета во однос на предходните два брана. Сега може да се види, и од оние што чекаат за лабораториски анализи, за рентген дијагностика и за хоспитализација, дека има доста млади луѓе, од 30-40 години, а не како што беше порано од 60-70 и нагоре. 82 пациенти се на кислородна поддршка и дневно се троши минимум по една боца на секој пациент“, вели директорката д-р Снежана Захариева.

Преморени и во неможност да стигнат сами, од болницата постојано бараат волонтери, а од денеска на помош дојдоа вработени во општината и јавните претпријатија.


„Со одлука на Општинскиот штаб за заштита и спасување, вработени од општинската администрација и јавните претпријатија ќе учествуваат и ќе волонтираат во делот на дистрибуцијата на оксигенски боци во одредени периоди од денот кога е потребно во болницата, за да се даде дополнителна сила и можност здравствените работници да се ангажираат на други места“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, кој вчера ја посети болницата.


Со 1.150 активни случаи Куманово е прв град во внатрешноста по бројот на заболени од коронавирус. Вчера се регистрирани 87 новозаболени и тројца починати, еден на возраст од 32 години и двајца 52-годишници. Досега вкупно се заболени 7.351 лица.



извор: сдк

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum