Никој од вработените во АНБ не поминал полиграф и тест за интегритет

Беше остварена првата надзорна посета на Комисијата за надзор на работењето на АНБ и АР во просториите на Агенцијата за национална безбедност по која јавноста е информирана дека ниту еден вработен во АНБ досега не ги минал основните безбедносни проверки кои се предуслов за вработување во Агенцијата.


За време на посетата и разговорот со првите луѓе на АНБ на прашањето за полиграфското тестирање и тестот за интегритет, членовите на Комисијата утврдиле дека досега агенцијата не го спровела законот во овој дел.


Членовите на Собраниската комисија укажале дека законска обврска на комисијата е да се направат и тестирање на полиграф и тестот за интегритет, за што директорот на АНБ Виктор Димовски информирал дека тој дел од обврските во иднина ќе биде завршен за сите вработени. АНБ е формирана пред околу 22 месеци.


Како што соопшти собраниската прес-служба, на почетокот, директорот на АНБ, Виктор Димовски, дал осврт за работењето на Агенцијата, законската поставеност и актуелните состојби на планот на националната безбедност. Воедно, директорот информирал за активностите на АНБ поврзани со контраразузнавањето и спротивставувањето на разузнавачката активност на странски служби, спротивставувањето на тероризмот и насилниот екстремизам, поставеноста околу спречувањето на потешките облици на организиран криминал со кои се загрози националната безбедност, за сензитивните информации поврзани со пандемијата, како и други прашања од надлежноста на Агенцијата.


Комисијата пројавила интерес и околу актуелните случаи кои во последно време побудија интерес во јавноста, при што директорот на АНБ информирал дека сите активности се преземени согласно законските надлежности.


Членовите на Комисијата биле информирани и околу кадровската поставеност во АНБ, стратегијата за модернизација на Агенцијата и натамошната кадровска екипираност.

Комисијата на наредната седница ќе го разгледа детално Извештајот за работата на АНБ за 2020 година.



извор: сариса



29060043_2016680208590936_36926234558838