Почина човекот од кратовско кого Итна помош го извлекуваше 5 часа на раце

63-годишниот овчар по една седмица во кома, утрово почина во Штипската болница, потврдија за Телма од болницата.


Сточарот преживеа мозочен удар, а за неговиот случај се разбра откако лекар од кратовската Итна помош преку ФБ објави како неколку часа го носеле во импровизирана носилка од бачилото во кратовските планини до возилото за итна помош кое не можело да стаса поради непристапен терен.


Откако лекарот ја објави информацијата и фотографиите од спасувањето на ФБ, напиша и дека ниту една институција не испратила соодветно возило или помош за да се обезбеди побрз транспорт.


Претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот Никола Димитров, но и други владеачки функционери реагираа и соопштија дека станува збор за несоодветна реакција на терен, а директорите на ЦУК и на ДЗС изјавија дека тоа што било побарано било преземено (ЦУК), односно дека Дирекцијата за заштита и спасување воопшто не била информирана, а има соодветни џипови за планиснки терени.


Се отвори и прашањето за употреба на хеликоптери на АРМ и на МВР, но ниту тие не биле известени односно не била побарана помош од нив.


Случајот кој заврши со смрт на 63-годишниот маж уште еднаш покажа дека во Македонија нема соодветен систем за медицинско спасување и извлекување, ниту пропишан и ефикасен начин за употребата на хеликоптери во хуманитарни цели за спасување на човечки животи.



извор: telma.com.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum