ВИДЕО: Скандалозна одлука на Градот, без судска одлука се руши имот вреден 1.200.000 евра


Рушењето на „Бродот на среќата“ доби и политичка конотација, но и меѓународна димензија. За случајот се заинтересираа бугарската јавност и бугарските пратеници во Европарламентот. Причината за рушење на бродот ја гледаат во лошите меѓусоседски односи, и сметаат дека одлуката за рушење е со цел да се спречи работата на бугарските фирми во Македонија


„Бродот на среќата“ наскоро ќе го снема од водите на Вардар. Оваа информација дел од граѓаните ја примија со прифаќање, дел со зачудување, а на многумина им е жал. Сепак, најголема штета ќе претрпи инвеститорот на бродот, кој е бугарски државјанин, а во изградбата на галијата вложил 1.200.000 евра. Управителот на бродот, Жарко Миленкоски во изјава за Слободен печат тврди дека нема никаква основа за рушење на бродот. -Немаме никаков долг кон Град Скопје, ниту има одлука на Градот за отстранување на урбана опрема а најважно од се е што нема судска одлука за отстранување на урбаната опрема, ниту за каква било времена мерка. Шилегов вчера кажа дека две барања за времени мерки се одбиени, но тоа е лага. Времените мерки воопшто не се донесени. Да беа донесени ние ќе се жалевме до Апелациониот суд, а во меѓувреме рушењето немаше да може да почне. Штетата на крајот ќе биде на грбот на граѓаните, бидејќи ние нашите права ќе ги бараме и во Судот во Стразбур. Доколку барем имаше одлука од Советот на Градот за отстранување на урбаната опрема од сите локации во Скопје, немаше да има никаков проблем, а сега ова се однесува само на нас, и ние го доживуваме како директен удар врз нашата фирма, објаснува управителот на бродот. Миленковски се сомнева дека недонесувањето на судска одлука, па дури и да е негативна е под влијание на градоначалникот Шилегов.

-Три судии досега се сменија за нашиот случај. Од септември до сега чекаме било каква одлука од судот. Дури и негативна. Во тој случај ќе можеме да упатиме жалба до Апелациониот суд. Недонесувањето одлука е со цел да се направи вакум простор за да може да дејствува со извршители и да го руши бродот. Ако порано сме имале Сваровски судство, сега имаме Шилегов судство, кој има големо влијание како адвокат, обвинува Миленкоски.

За случувањата се информирани и бугарските пратеници во Европарламентот.

-Информирана е и Бугарската амбасада а медиумите во Бугарија веќе почнаа да пишуваат за случајот на кој му се дава и политичка конотација. Голем срам е за Македонија да се руши објект од 1.200.000 евра и тоа без судска одлука. Останува да се каже само дали е тоа нешто лично против нас или можеби против бугарскиот инвеститор, рече Миленковски.

Инаку, Шилегов рече дека бродот нема да се искрши, туку ќе се демонтира и ќе се дислоцира во некое складиште, од каде што доколку сака, инвеститорот ќе може да си го подигне, што според управителот е само теоретски возможно, а во пракса неизводливо бидејќи, како што вели, повторното монтирање на бродот ќе чини исто колку што е вложено и во изградбата на бродот.


извор: слободен печат

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum