ПО ЕВРООБВРЗНИЦАТА ОД 700 МИЛИОНИ, НОВО ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА ОД 37 МИЛИОНИ ЕВРА


Откако земјата ја задолжи со издавање на еврообврзница за 700 милиони евра, Владата сега планира уште едно ново задолжување, овој пат од 37 милиони евра. За таа цел во Собранието се турка закон за задолжување по скратена постапка. Од Владата се правдаат дека не станува збор за сложен закон и затоа може да оди на овој начин.


Претставници на овој закон се министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот заменик министерот Димитар Ковачевски, како и министерот за транспорт Благој Бочварски.


За што всушност станува збор. Имено, Светска банка уште на крајот на 2019 година ни одобри кредит од 70 милиони евра за локални патишта, но Владада 37 милиони евра потрошила за економските мерки за справување со ковид кризата, односно за поддршка на работодавачите, и тоа за април, мај и јуни во минатата година, откако претходно со уредбите со законска сила кои се носеа во време на вонредна состојба, извршила нивна пренамена.


Но, откако сфатила дека ќе недостигаат пари за патиштата, се обратила до Светска банка и побарала нов заем од 37 милиони евра, кој банката го одобрила, но за тоа повторно мора да се донесе Закон за задолжување во Собранието.


Во новиот предлог закон за задолжување, од власта објаснуваат дека на крајот на 2019 година склучиле Договор за заем со СБ, со кој зеле 70 милиони евра, наменети за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта. Основните цели на проектот биле подобрување на владиниот капацитет за управување со локалните патишта и подобрување на пристапот до пазарите и услугите, но и обезбедување непосреден и ефикасен одговор во случај на кризна или вонредна состојба.


Но, излезе ковид кризата и на Владата и требале итно пари за да му помогне на приватниот сектор за да се справи со неа.


„Со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на коронавирусот и помагање на приватниот сектор, а во насока на заштита на работните места, Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза, заради исплата на платите за април и мај 2020 година..“, објаснуваат од Владата.


Потоа на седница одржана во мај лани, Владата ја донела Уредбата со законска сила за примена на Законот за задолжување на земјава со заем кај СБ за време на вонредна состојба. Во тој месец било потпишано и Писмото за пренамена на 37 милиони евра од заемот. Во јуни, пак, МФ побарале од Светска банка, освен за април и мај, да се даде можност да се користат средствата до 37 милиони евра и за месец јуни 2020 година, нешто за што Светска банка дала согласност.


„Имајќи предвид дека преку Компонентата за одговор на итни случаи потрошени се 37 милиони евра, остаток на расположливи средства за понатамошна имплементација на останатите компоненти од проектот изнесува 33 милиони евра. Од овие средства, до крај на 2020 година се тендерирани 15 милиони евра односно 45,5 отсто од расположливиот износ од 33 милиони евра на Проектот за поврзување на локални патишта. Преостанатите 44,5 отсто од расположливиот износ од проектот, согласно новиот предлог изменет План за набавки за проектот, како и според планираниот интензитет на активности за градежни работи, надзор, проектирање и консултантски услуги, ќе се потрошат во текот на 2021 и 2022 година, со што средствата од заемот ќе се исцрпат. Доколку не се обезбедат дополнителните средства за Проектот за поврзување на локални патишта во износ од 37 милиони евра, нема да можат да се реализираат планираните активности, и наместо 450 км, ќе бидат рехабилитирани само околу 110 км локални патишта“, се вели во владиното образложение на предлог законот.


Од Владата додаваат и дека ова би можело да повлече нерамномерна искористеност на средствата кај општините.


Поради тоа, Владата за тие 37 милиони евра што и требаат за да ги доврши патиштата, побарала дополнителен заем од СБ. По одржаните преговори, Светска банка го одобрила заемот, а услов за склучување на Договор е усвојување на Законот за задолжување од страна на Собранието и негово објавување во Службен весник.


„Целта на овој заем е да се обезбедат дополнителни средства во износ од 37 милиони евра за Проектот за поврзување на локални патишта, со цел да се надополнат средствата кои беа пренаменети и искористени преку активирање на Компонентата за одговор на итни случаи, за исплата на платите на работниците за месеците април, мај и јуни 2020 година“, се вели во владиното образложение.


Договор за заем склучува Владата, а во нејзино име го потпишува министерот за финансии, по претходно донесен закон за задолжување.


Заемот ќе и биде доделен на земјава под следните услови: Рокот на отплата на заемот е 11 години, со вклучен грејс период од 3 години. Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон. Заемот ќе се отплаќа во 16 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15 март и 15 септември секоја година.


Согласно прописите на СБ, земјава како заемопримач има обврска неа да и плати еднократна провизија од 0,25 отсто од износот на заемот. Оваа провизија за проектот изнесува 92.500 евра и ќе биде платена еднократно од средствата на заемот. Покрај ова, земјава ќе и плаќа на СБ провизија во висина од 0,25 отсто од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво.


Корисник на овој заем ќе биде Министерството за транспорт и врски.


Нина Нинеска-Фиданоска



извор: faktor.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838
  • Facebook

© 2020 Аналитикум / Analitikum