Скопјанка ја „шетале“ од клиника на клиника, по што починала

Наместо да биде итно хоспитализирана и лекувана, пациентка во тешка здравствена состојба, како топка била предавана од клиника на клиника, по што била испратена дома.


По два дена состојбата и се влошила дополнително, по што семејството повторно побарало лекарска помош. По повторното шетање низ клиниките, конечно е хоспитализирана, но предоцна, бидејќи набрзо ја губи битката со животот.


Трагичниот случај е од октомври минатата година, и не станува збор за пациентка заразена со Ковид-19. Исто така, изговор за лошиот лекарски третман не е поврзан со пандемијата, бидејќи во тој момент клиниките не беа претрупани со ковид пациенти.

Патот кој го минала оваа пациентка и нејзиното семејство, а кој е опишан во продолжение, на моменти е конфузен и тежок читање, но сигурно дека ним им било многу потешко истиот да го изодат и доживеат.


Се почнува утрото, на 7 ноември. Педесет и шестгодишна скопјанка (чиј идентитет е познат на редакцијата на „Фокус“) со Брза помош, во сериозна состојба поради „неркотичен фасцитис“, била донесена до хируршката болница „Св. Наум Охридски“. Лекари за „Фокус“ појаснуваат дека „некротичен фасцитис“ е всушност сериозно заболување, со висока смртност.


-Тоа всушност е гангрена на меките ткива што се шири низ мускулната фасција и се јавува главно кај дијабетичари, појаснува нашиот соговорник лекар.


По прегледот и била направена тоалета на раната, а хирургот ја препраќа пациентката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, со образложение, напишано во упатот, дека во нивната установа нема услови за нејзин третман. Откако жената била транспортирана на Клиниката за пластична хирургија, хирургот кој ја прегледал ја препраќа на Клиниката за ортопедија, со образложение дека според распоредот на Министерството за здравство, оваа клиника таа недела е надлежна за згрижување на пациентите со оваа дијагноза.

Бидејќи дијабетичното стопало и хроничните рани се чест проблем и можат да бидат оптоварувачки за една клиника, Министерството за здравство има составено список, според кој 4 здравствени установи се одговорни за прием и лекување на овие случаи по една недела, со ротација.


На Клиниката за ортопедија, ортопедот ја прегледува пациентката, ја потврдува претходната дијагноза, но и констатира дека за овој случај не важи распоредот на министерството за ротација, со образложение дека пациентката нема ортопедски проблеми. И ја чисти раната и по преврската ја враќа назад на Клиниката за пластична хирургија за понатамошен третман.


По утринската „екскурзија“ на болната пациентка, веќе дошло попладне и редовното работно време завршило, па од Ортопедија пациентката е испратена во Ургентниот хируршки центар. Од таму пак го побарале дежурниот хирург на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, кој што го диктирал неговото мислење, односно дека пациентката била прегледана и дека е утврдена рана, без гнојна секреција и знаци на инфекција. И било направено испирање и преврска, па добила насоки за два дена да се јави во амбуланта за контрола. Било наведено и дека е потребна консултација со трансфузиолог и ендокринолог, а и била препишана и терапија за дома.


По овој извештај, пациентката добива упат за на Клиниката за токсикологија. Тука е прегледана и се препраќа на Клиниката за ендокринологија, бидејќи се бара консултација поради нерегулирана гликемија. На оваа клиника и се прават потребните лабараторски испитувања, по што дежурната докторка дава прецизен опис на здравствената состојба на пациентката. Кажува дека е со тип 2 дијабетес, а последните 6 дена по појавата на отворената рана мери високи гликемии. Потенцира и дека од раната се шири јак мирис, со забелешка дека брис не е земен, а лабараторија не и била направена во ниту една од претходните клиники каде што била прегледана.

Заклучокот е дека пациентката била со мекоткивна инфекција и лабараториски параметри кои укажувале на третман во хируршка установа, поради што и се упатува на третман.


-Бидејќи Ургентниот центар е место кај се прегледуват, а не лекуваат пациенти, дежурната докторка на Ендокринологија, се јавила на дежурниот телефон на Клиниката за пластична хирургија. Дежурната докторка на Ендокринологија, барала да зборува со дежурниот специјалист на Клиника за пластична хирургија. Таа инсистирала дека се работи за тежок случај кој мора да се прими и да се третира на Пластична хирургија, но дежурниот специјалист на Пластична хирургија и одговорил дека на клиника нема место за прием, бидејќи паднал плафонот, раскажува изворот на „Фокус“.


Иако паднатиот плафон бил наведен како изговор, сепак извори од Клиниката ни појаснуваат дека плафонот паднал во соба број 3 во која имало само 2 кревета.


-На клиниката имаше повеќе слободни кревети во повеќе соби и ова лесно се потврдува кога ќе се види бројот на лежечките пациенти на клиниката тој ден, вели нашиот соговорник, кој додава дека дури и во случај да нема празни кревети таков пациент треба да се прими и во ходник, односно мора да се задржи на лекување.


По шетањето од клиника на клиника, наместо да биде хоспитализирана, пациентката е пуштена да си оди дома, но по само два дена повторно е донесена на Клиниката за пластична хирургија во тешка состојба. Докторот кој ја прегледал во амбулантата заклучил дека таа мора да биде хоспитализирана, на што укажувало високото CRP. Според распоредот на министерството, за третман на пациенти со ваква дијагноза таа недела била надлежна Клиниката за ортопедија, каде што скопјанката била упатена.


Но, специјалистот од Ортопедија, по извршениот преглед, потврдува дека се работи за некротизирачки фасцитис и затоа истакнува дека жената, поради отсуство на ортопедска патологија, мора да се прими на Клиниката за Пластична хирургија, за понатамошно третирање на раната.


Па така, од Ортопедија, пациентката пак се враќа на Клиника за пластична хирургија каде што конечо е хоспитализирана.

Поради лошата состојба, кратко по приемот, итно се повикува анестезиолог за реанимација. По неуспешна реанимација, од 40-тина минути, пациентката е прогласена за почината.


Прашањето кое логично се поставува е зошто пациентката не била веднаш хоспитализирана, на надлежната клиника, за да добие шанса да се избори со животозагрозувачката состојба?


За случајот, пред 10 дена, побаравме став од Клиниката за пластична хирургија и од Министерството за здравство. Од Клиниката не информираа дека ќе ги проверат податоците и ќе одговорат на нашите прашања, но до овој момент не добивме повратен одговор. Доколку одговорот пристигне истиот ќе биде објавен.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838