ДОКТОРИТЕ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ОД ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, ОБВИНУВААТ ДЕКА ДИРЕКТОРОТ КОСТОВ ИМ ЈА...


Четириесетина хирурзи од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ утринава со писмо го известиле министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев дека од понеделник, 27 септември нема да работат итни операции, туку само животозагрозувачки, во знак на револт од работењето на директорот д-р Христијан Костов. Хируршкиот колектив го испрати писмото и до медиумите и до Фондот за здравство. Реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.

Револтот ескалирал на утринскиот состанок на кој сите хирурзи барале да дојде директорот да ги сослуша. Тогаш сите заклучиле дека мора да реагираат со писмо до јавноста, оти незадоволството трае подолго време, а директорот не сака да комуницира со нив. Болницата е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата. Лекарите велат дека владее незадоволство од лошата организираност на работата. „Не работат ни апарати, ни лифтови, нема тоалетна хартија ни сапун, директорот не можеме да го најдеме, болницата се распаѓа, но најстрашно е што веќе не работат ни операционите сали“, велат вработени од болницата.

Хирурзите со писмото велат дека им било јасно дека со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но „ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција“.

„Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата како би се постигнала поголема ефикасност но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“, реагираат хирурзите.

Нивните барања се да се овозможат услови во болницата за да може таа да им пружи хируршка здравствена заштита на поголем број на пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. „

За надминување на ситуацијата постојат неколку решенија и сме отворени за дополнителни предлози“, стои во писмото потпишано од 40 хирурзи. Тие реагираат и дека ГОБ „8 Септември“ неоправдано се држи на секундарно ниво во јавното здравство иако болницата е столб на здравството. „Во изминатите 2 години ние сме главен ковид центар каде што се згрижуваат најтешките пациенти, прифатен центар за сите хируршки пациенти од сите болници надвор од Скопје од кои голем број се на терциерно ниво, а за жал по нечија необјаснива логика ГОБ „8 Септември“ уште се држи на секундарно ниво.

Министерот Филипче на 27 јануари за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека „8 Септември“ во Скопје ќе прерасне во Клиничка болница Тој рече дека според капацитетот, експертизата на кадарот, бројот на пациенти, дијагностиката и интервенции на повреди и болести, оваа болница е врвна високостручна здравствена установа.

Во Министерството за здравство болницата доставила елаборат со кој се бара подигање на стручно-научното ниво од секундарно во терцијарно здравство бидејќи во неа има кадар што ги исполнува условите и за наставно научна дејност.

Директорот Костов со писмено соопштение објаснува дека „не само кај нас, туку и во светот постои редукција на елективниот програм поради ангажирањето на персонал за лекување на приоритетните пациенти заболени од ковид“.

Тој вели дека нема доволно анестезиолози и затоа операционите сали не работат со целосен капацитет.

„Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни, заради болест и поради нивниот ангажман во ковид одделенијата, акцент е ставен на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интевенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури).

„И овие интервенции се одвиваат без застој“, вели директорот, додавајќи оти има потреба од колеги во лекувањето на ковид позитивните пациенти кои лежат во Ковид-одделенијата.

На 7 септември лани, на одбележувањето на 10-годишнината од ставањето на поранешната Воена болница во системот на јавно здравство и именувањето во Градска општа болница „8 Септември“, министерот за здравство Венко Филипче изјави: „Сакам да им порачам на колегите да бидат горди на својата работа, да се горди на институцијата во којашто работат“, најавувајќи дека се работи на измена на посебниот колективен договор со кој ќе се зголемат процентите за дежурства на сите вработени во оваа болница.

извор: сдк

29060043_2016680208590936_36926234558838