ФОКУС: АНБ потрфлила во дипломатскиот македонско-ерменски скандал?


Агенцијата за национална безбедност имала обврска да знае дека има распишано меѓународна потерница по македонскиот дипломат Миле Миленкоски кој се најде во центарот на македонско-ерменскиот скандал и да му го одземе безбедносниот сертификат, брифираат за „Фокус“ познавачи на безбедносниот систем.

Според нив, оваа Агенција има обврска да ги контролира сите лица кои поседуваат безбедносен сертификат и доколку има некакви промени да им го одземе. Законот за класифицирани информации со којшто се уредува класификацијата на информациите, условите, критериуми, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации, во членот 54 предвидува дека директорот на АНБ може да го одземе сертификатот ако не ги исполнува некои од условите. АНБ според своите надлежности треба да располага со овие информации и без да биде известена од Министерството за внатрешни работи. – Ако се утврди дека лицето не постапува со класифицираните информации согласно со овој закон или повеќе не е исполнет некој од условите врз основа на кои е издаден безбедносниот сертификат, директорот на Дирекцијата донесува решение за престанок на важењето на безбедносниот сертификат и пред истекот на неговата важност. Во решението од ставот 1 на овој член не се дава образложение за причините за престанокот на важноста на безбедносниот сертификат, се вели во членот 54 од овој Законот.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со директорот на АНБ, Виктор Димовски, но не го добивме за да одговори дали имале сознанија дека дипломатот е вмешан во скандал и дека за него има издадено меѓународна потерница уште во февруари 2020 година. Според процедурата, за потерницата требало да знае АНБ и веднаш да ја извести Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Директорот Стојан Славески, за „Фокус“ изјави дека во тек е процедурата за одземање на безбедносниот сертификат на Миленкоски, но вели дека се до избивањето на аферата немале добиено никаква информација, од ниту една институција дека треба да биде одземен безбедносниот сертификат. Како што објасни поранешниот министер за надворешни работи и сегашен вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, дипломатскиот пасош на Миленкоски можел да му биде поништен само со одземање на безбедносниот сертификат. Овие меѓународни потерници во Министерството за внатрешни работи стигнуваат во Секторот за меѓународна полициска соработка кој е дел од Бирото за јавна безбедност која има улога да врши меѓународна координација на органите за спроведување на законот кои се надлежни за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а кои се во полето на меѓународната полициска соработка.

Сепак во последната изјава што ја даде министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски тој тврди дека не знаел за потерницата и рече дека во 2019-та имало само информации за можна вклученост на наши дипломати во одредена постапка. За одговори го прозва неговиот претходник, техничкиот министер, Наќе Чулев.

Меѓународната потерница е распишана од страна на Ерменија на 25. февруари 2020 година. Во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи е Наќе Чулев. Што во тој момент е направено, дали е известено МНР или не, немам детални информации, рече Спасовски.

Чулев пак тврдеше дека и тој не знаел за потерницата, а евентуалниот пропуст го лоцира во секторите во МВР, за кои тврди дека биле раководени од кадри поставени од Спасовски.

Ако имало некакви информации за случајот, тие требало да ги знаат надлежните во Секторот за меѓународна полициска соработка и во Одделот за соработка со Интерпол при МВР. Јас не добив никаква информација од нив, рече Чулев.

Миленкоски беше приведен во Србија по меѓународна потерница со што се откри дипломатскиот скандал. Според досега објавените информации, приведениот дипломат од Ерменија помогнал во бегство на друг македонски државјанин осомничен во милионскиот скандал со неизградени патишта за што меѓу првообвинетите и е корумпираниот Левон Саркисјан, објави Телма повикувајќи се информации од државното обвинителство во Ереван. Левон Саркисјан

Миленкоски со приватен авион со уште двајца македонски дипломати, пилоти Бугарин и Украинец, го извлекле од Украина осомничениот Бранислав Димитриевиќ кој користел туѓ македонски пасош.

Уште едно прашање што се отвори во овој скандал е тоа што и покрај ова, тој во август бил испратен како нов заменик шеф на државната мисија во ОБСЕ во Виена. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи тврдеше дека не знаел за потерницата и дека Миленкоски ги исполнил условите и веќе работел во ОБСЕ, па затоа бил пратен во Виена.

Според објаснувањето на Димитров, Миленкоски бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 година, кога друг министер бил на чело на МНР.

Неговото барање за продолжување на мандатот е одбиено од моја страна. Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки, се вели во дел од изјавата на Димитров со која кажува дека безбедносните служби биле информирани за истрагата, а сепак на Миленкоски не му бил одземен ниту сертификатот, ниту дипломатскиот пасош.

Фросина Факова-Серафиновиќ

извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838