ПРАЗНИК НА ТРЧАЊЕТО ВО БИТОЛА, НАД ИЛЈАДА УЧЕСНИЦИ ОД 11 ЗЕМЈИ НА „ТРЧАЈ БЕ“


Над 1.000 учесници од 11 земји, на возраст од четири до 77 години, денес учествуваа на најголемиот спортски настан што се одржа во Битола, третото традиционално издание на „Трчај бе“. Оваа трка за толку кратка историја од три години доби меѓународно значење. Битола беше домаќин на Балканско првенство во полумаратон, па врвни атлетичари од повеќе земји и домашни спортисти трчаа на патека долга 21 километар. Двајца од македонските учесници поставија и нови рекорди, и тоа Дарио Ивановски за две секунди го подобри македонскиот рекорд во полумаратон, а од женските учеснички Андријана Поп Арсова.


Покрај во полумаратон, учесниците трчаа и на пет и десет километри, а во градот беше воведен посебен сообраќаен режим поради трката. Учествуваа атлетичари и вљубеници во трчањето од земјава, Романија, Бугарија, Србија, Словенија и други држави.Неколку стотици битолчани и жители на други градови во Македонија се приклучија на уличната трка. Трчаа заедно и цели семејства. Дури и битолчани кои живеат и работат во странство, се случува да се вратат во периодот кога се одржува трката за да земат учество.


„Ова беше најголемата бројна на учесници досега, а можеме да кажеме дека ако не беше пандемијата и протоколите сигурно ќе имавме уште неколку илјади повеќе. На 20 места на патеката имавме поставено фан точки, оф програма во која учество зедоа бројни артисти од диџеи, бендови, тапанари, фoлклорни друштва, имаше над 50 изведувачи и беше навистина интересно да се трча. Најдобрите добија медали, а во парични и стокови награди за учесниците се вложија околу 5.000 евра“, рекоа организаторите.


„Трчај бе“ го оживеа градот, Битола беше полна со гости и спортисти. Трката ги собра и политичарите, а пред сè кандидатите за градоначалници на Битола. Кандидатот на СДСМ Христо Кондовски трчаше втора година со ред, од ВМРО-ДПНЕ Тони Коњановски присуствуваше на настанот, а се вклучи и независниот кандидат Зоран Лазаровски – Паљо. Присутните ги поздрави и градоначалничката Наташа Петровска.


„Трчај бе“ ѝ ја врати тркачката традиција на Битола.


„Како што започнавме со ‘Трчај бе’, така се интересиравме и за тркачката традиција на Битола. Откривме дека атлетичарите од градот, во минатото освоиле повеќе медали, споредбено со далеку попопуларните спортови кај нас. Се родиле шампиони како Вера Вељановска, Стевче Георгиевски, Демир Даутовски, а во поново време и Кристијан Стојани. Таа традиција со тек на годините беше изгубена, па ние како ‘Трчај бе’, го презедовме раководењето со единствениот атлетски клуб во нашиот град ‘Олимп’. Досега да се пофалиме со бројни успеси и медали на сениорските и младинските првенства во Македонија. А времето на нашите млади членови, на чело со тренерот Демир, наскоро доаѓа“, рече Никола Димитровски“, директор на трката „Трчај бе“.


gif

извор: сдк

29060043_2016680208590936_36926234558838