Кој е контроверзниот македонски дипломат уапсен во Србија?

Министерството за надворешни работи на Република Македонија попладнево ја потврди информацијата објавена пред некој ден дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Република Србија на 27 август годинава.

За апсењето МНР е официјално известено од Министерството за надворешни работи на Република Србија преку Амбасадата на Македонија во Белград.

Според известувањето, „надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство“, потврди МНР и од таму додаваат дека, согласно законските надлежности Министерството го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен.

Според пишувањето на весникот Коха, станува збор за збор за заменик-шефот на македонската мисија на ОБСЕ во Виена, дипломатот Миле Миленкоски (53).

Според сознанијата на Коха, од неофицијални извори, Миленкоски бил баран со меѓународна потерница издадена од австриската полиција, „за стар прекршок што датира од 2018 година, а кој по секоја веројатност вклучува високи безбедносни структури на Македонија“.

– Миле Миленкоски е осомничен дека пред три години организирал патување во Ереван, Ерменија, заедно со уште двајца македонски дипломати (нивниот идентитет познат за редакцијата), за евакуација на висока ерменска личност, осомничен во неговата земја за злоупотреба на милиони евра. Мотивите на оваа акција не се познати, но сомнежите се дека истата е направена со знаење на високите безбедносни структури во Македонија. Имено, уапсениот Миле Миленкоски, заедно со уште двајца дипломати (С.С.) и (В.С.), за оваа спасувачка мисија на контроверзниот Ерменец, позајмиле приватен авион со кој патувале за Ерменија. Претходно, како покритие тие во забрзана постапка регистрираа невладино здружение за лица со посебни потреби, за учество на една конференција на оваа тема, објави Коха.

Весникот пишува дека „оваа нивна мисија во 2018 година била успешна и контроверзниот Ерменец, кој меѓу другото, се сомнева дека бил вмешан во перење пари и присвојување на многу државни имоти во неговата земја, со приватниот авион е доведен на сигурно место“. Според нивните извори, иако оваа шпионска спасувачка операција е откриена тогаш, со брза дипломатска реакција и на безбедносните структури на земјите вклучени во овој случај, овој случај е замолчен, се до скоро кога повторно го активирале австриските власти. „Врз основа на нивната потерница, минатата недела – Миле Миленкоски бил уапсен во Врање, Србија, придружуван од неговиот колега (В.С.), кој сега е пензиониран дипломат, но кој бил дел од операцијата во Ерменија во 2018 година“. Иако весникот пишува дека и двајцата се притворени од страна на српските власти, според соопштението на МНР, во притвор е само Миленкоски.

Инаку Миле Миленкоски е познат по своите контроверзни потези уште од почетокот на својата работа во македонската дипломатија. Имено, бил осомничен како вмешан во финансиска измама во македонскиот конзулат во Детроит, од каде потоа бил префрлен во Чикаго во август 2011 година, каде според неговата биографија поминал 10 години и 2 месеци. Таму, тој физички се пресметал со генералниот конзул, и потоа е испратен во Вашингтон, по бидејќи постојано предизвикувал инциденти, на барање на поранешниот амбасадор во Вашингтон, Зоран Јолевски е вратен во Скопје.

Во 2017 година, Миленкоски се приклучил на Македонската мисија на ОБСЕ во Виена, како заменик на тогашниот амбасадор, Кире Илиовски, но темпераментниот дипломат и со него физички се пресметувал, пишува Коха.

Скандалот со ерменскиот политичар за кој деновиве е уапсен во Србија, го извршил додека бил во Мисијата на ОБСЕ во Виена и непознато е како и покрај сите скандали и инциденти кои ги правел како македонски дипломат во САД и Европа, пред неколку месеци повторно е реизбран на конкурсот на МНР за заменик шеф на Мисијата на Македонија во ОБСЕ во Виена. Неговото назначување наводно било направено без одобрение од раководителот на Дирекцијата за правни и конзуларни услуги при МНР и дека извесни високи безбедносни структури во земјава му дале поддршка повторно да се врати во дипломатијата и покрај тоа што биле запознаени со неговото скандалозно однесување и склоност кон злоупотреби на дипломатската функција.


извор: лидер

29060043_2016680208590936_36926234558838