АД МЕПСО за 17% си ги зголеми платите, покачување на К-15 и нови вработувувања

АД МЕПСО 2020 година ја заврши со загуба од 5,8 милиони евра, но тоа не било пречка за платите просечно да се зголемат за 17 отсто. Ова го покажува извештајот за финансиско работење на националниот преносител на електрична енергија за минатата година. Според податоците, за плати на вработените биле издвоени за 1,165 милиони евра повеќе во однос на една година претходно.

- Бруто платите на вработените се исплатуваат согласно позитивните законски прописи, Законот за исплата на плати, важечките Колективни договори, интерните акти. Во тековната 2020 бруто платите се реализирани на износ од 493.164 илјади денари и истите се реализирани на повисоко ниво за 17 отсто споредено со вредноста на бруто платите во минатата година во износ од 421.485 илјади денари, се вели во објаснувањето што го дава АД МЕПСО таму.

2020 завршила со 657 вработени во акционерското друштво во државна сопственост, а просечната месечна бруто плата била 60.650 денари. Во 2019 просекот на плата бил 57.500 денари. Од компанијата велат дека зголемувањето се должи на „флуктуацијата на вработените, зголемениот број на вработени, порастот на повисоката квалификациска структура на вработените и порастот на платите за 5 проценти според Законот за исплата на плати“. За регрес за годишен одмор биле исплатени 20 милиони денари. Од 1 август минатата година за пазарот на електрична енергија на АД МЕПСО му беше одобрено зголемување на тарифата од 0,0049 на 0,0081 денари по киловат час, што делумно влијаеше на поскапувањето на цената на струјата.

Големиот пад во приходите, односно најголемо влијание на загубата има големата негатива во прекуграничните аукции. Приходите биле само 15 милиони евра, споредбено со 27,8 милиони евра во 2019. Од МЕПСО велат дека ова се должи на новововедените правила од почетокот на 2020 со прекуграничното купување и продавање струја во размената со Грција, Србија и Бугарија.

55 милиони евра изнесувале вкупните приходи. Пренесените количини на електрична енергија минатата година биле речиси исти. Дополнителен ќар за македонскиот преносител на електрична енергија, како што се вели во извештајот, е наплата од 68 милиони денари банкарска гаранција, или повеќе од 1,1 милиони евра. Од таму велат дека станува збор за неисполнување на обврските од договорот со Бетон Штип за нанесување на фасада на управната зграда на АД МЕПСО во Скопје. - Имено, согласно условите предвидени со Договорот за јавна набавка на работи од 31.12.2013, за изведба на реконструкција и адаптација на фасада на административна зграда, АД МЕПСО изврши наплата на банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите поради неисполнување на обврските од Договорот од страна на ГД Бетон Штип, се вели во резимето на извештајот.


извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838