Попишувачи нема, фaлaт 2 илјади на 10 дена пред попиc


Се пријавуваат на конкурсите, но потоа дел од нив не доаѓаат на тестирање. Десет дена пред почетокот на пописот, Државниот завод за статистика сѐ уште бара попишувачи. „Јавниот конкурс за ангажирање на реонски попишувачи е продолжен до…“ По неколку пати се повторуваат ваквите известувања од Државниот завод за статистика, а единствено датумите се менуваат. Последниот продолжен конкурс завршува утре, на 25-ти август. Десет дена пред Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија кој треба да почне на 5-ти септември, недостигаат 2.000 попишувачи. Кандидатите се пријавуват, а потоа дел од нив не доаѓаат на закажаното тестирање (проверка за познавање на општи работи од областа на статистиката и познавање на работа со персонален компјутер), пренесува Дојче Веле.

На последниот конкурс, до вчера се пријавиле нови 1.200 кандидати. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол, Симовски, вели дека на новото тестирање ќе имаат право да учествуваат и тие што биле пријавени на претходниот конкурс, а не дошле на тестирање од која било причина. Очекува да има доволен број кандидати.

Досега во 20 од вкупно 50 пописни реони има задоволителен број попишувачи. Според податоци од одредени пописни реони, недостиг на интерес има во сите етнички заедници. „Во пописниот реон 24, кој ги опфаќа општините Дебар и Центар Жупа, граѓаните покажале минимален интерес да се пријават на конкурсот за попишувачи и инструктори“, вели Решад Ќормемети, претседател на комисијата на овој пописен реон.

Таму требало да бидат ангажирани 72 лица, од кои 6 реонски инструктори.

„Интересот е многу мал. Се пријавија 45 лица, но на спроведеното тестирање дојдоа само 28. Недостиг на попишувачи и инструктори имаме од сите етнички заедници. Колку за илустрација, од 30 попишувачи колку што треба да бидат од албанска националност се пријавија само 12“, изјави Ќормемети за МИА. Не е оптимист дека бројот на заинтересирани ќе биде поголем по завршувањето на актуелниот конкурс.

По пролетното одложување на пописот за септември, како причина за непријавување и недостиг на попишувачи се смета фактот дека конкурсите се објавуваат во период кога се во полн тек летните одмори, земјоделските работи, кога голем дел граѓани се заминати да работат сезонски надвор од државата, а кај дел има страв од растечките епидемиолошки биланси за Ковид-19. Но, зошто голем дел од оние кои веќе се јавиле на конкурсите, сепак не доаѓаат на тестирање?

Во јавноста се шпекулира дека од страна на субјекти и организации кои се противат на пописот, голем дел од кандидатите биле мотивирани само формално да се пријавуваат за попишувачи, но да не се одзиваат на натомошните обврски. Засега никој не може да потврди дали има вистина во ваквите шпекулации, но властите децидно највуваат дека пописот ќе се спроведе. Доколку не успеат да се соберат доволен број попишувачи, директорот на ДЗС, Симовски досега уверуваше дека има „план Б“, но дека се надева оти нема да има потреба од тоа.

Половина од досега ангажираните попишувачи биле вакцинирани, а и другите изразувале желба за да бидат имунизирани.

Во однос на стравувањата на граѓаните, Симовски е дециден дека пописот ќе се спроведе според сите протоколи и мерки за заштита, и дека сите граѓани ќе бидат безбедени. Пописот ќе се врши на отворено, во дворовите на куќите или пред зградите, а лицата кои се во изолација ќе се попишуваат со посебни мерки.

„Ако сме на отворен простор, секој наш учесник никогаш нема да биде без маска и ќе инсистира и домаќинството да носи маска додека трае попишувањето. Второ, имаме посебни протоколи за таму каде што има заболени лица или лица во изолација. Имаме доволен период и да почекаме да излезат од таква состојба, па да направиме попис, а ако тоа не е можно, има протокол како тоа да се направи со носење скафандер, ракавици и друга опрема“, појасни Симовски во гостување на ТВ „Канал 5“.

Во однос на можноста за бојкот, Симовски нагласи, дека пописот не е само право, туку и законска обврска на сите граѓани.

„Ако некој одбие да биде попишан, а сите протоколи се испочитувани, тогаш ќе сноси последици. Законот предвидува прекршочна одговорност и тука нема пардон за никого“, предупреди директорот на ДЗС.

29060043_2016680208590936_36926234558838