ДОЈЧЕ ВЕЛЕ: Mилионски бран тргнува од Авганистан, дел ќе бидат згрижени во Македонија


Од овој момент ќе има милиони политички и хуманитарни бегалци, авганистанскиот народ не сака леб, сака слобода, слобода без војна, порача авганистанискиот амбасадор во Софија.


Голем бран бегалци од Авганистан наскоро ќе стигнат до границите на балканските земји во транзитирањето кон европските. Не станува збор за економски, туку за политички и хуманитарни бегалци кои масовно ја напуштаат земјата по воздушен и копнен пат, откако таа е под контрола на талибанците.

Милиони луѓе ќе заминат

Но, многу поголема ќе биде бројката на оние кои по копнен пат ќе тргнат кон Европа. Во разговор за бугарски медиуми на ова укажува авганистанскиот амбасадор во Софија, Мохамад Саифи.

„Бегаат кон Пакистан или Иран. Од Иран во Турција, потоа кон Бугарија или Грција и понатаму. Не станува збор за економски мигранти, туку за обид да останат живи. Младите Авганистанци не сакаат да се вратат назад. Особено не жените и младите девојки. Тие не сакаат бурки, тие не сакаат да бидат затворени во домовите. Ние веќе не сме оние луѓе од пред 20 години. Веќе знаеме што е демократија, што е слобода. Ниту талибанците, ниту кој било друг, никој нема да нѐ врати назад, како пред 20 години. Но убеден сум дека од овој момент ќе има милиони, милиони наши политички и хуманитарни бегалци. За жал. Нашиот народ не сака леб, сака само слобода, слобода без војна“, изјави Саифи.

Убеден сум дека од овој момент ќе има милиони, милиони наши политички и хуманитарни бегалци, вели Саифи.

Засега не се знае кога првите граѓани од Авганистан ќе стигнат во Скопје по воздушен пат. Од владината прес-служба велат дека времето на нивното полетување сѐ уште не може да се потврди, имајќи ги предвид сложените услови на аеродромот во Кабул, но се очекува да пристигнат во текот на следните денови. По пристигнувањето на аеродромот во Скопје, сите задолжително ќе бидат упатени во 14-дневен карантин заради превенција од Ковид-19, а оние кои не се вакцинирани ќе примат вакцини.

Сите оперативни и административни прашања поврзани со учеството на Македонија во меѓународната хуманитарна мисија за спасување на локалното население од Авганистан, ќе бидат разгледувани и ќе бидат донесени соодветни одлуки на денешната, но и следните седници на Владата. Турција гради ѕид?

Голем број земји ја делат загриженост од налаганите ограничувања на талибанците на човековите права, особено во однос на жените и децата, и се вклучуваат во напорите на меѓународната заедница за пружање хуманитарна помош на цивилното население кое ќе замине од Авганистан.

Над 70 земји, меѓу кои и членките на ЕУ, веќе ветија помош за авганистанскиот народ. Од земјите во соседството, Албанија и Косово исто така се подготвуваат да ги примат првите групи Авганистанци.

Прогнозите дека голем бегалски бран по копнен пат преку Иран може брзо да стигне до Турција, ги мобилизира турските власти. Како што јави Би-Би-Си, турските власти издале наредба на границата со Иран да се изгради ѕид со цел да спречи голем бран на бегалци, но и можен продор на инфилтрирани талибанци меѓу нив. Во моментов се работело со тешка механизација на граничната линија во должина од пет километри, а граничниот појас на кој се градел ѕидот е долг 295 километри.


извор: дојче веле

29060043_2016680208590936_36926234558838