ВЛАДИМИР ТУЛИЕВ, ПОПОЗНАТ КАКО ДОНЧО ОД „ПРЕСПАВ“, ДОБИ ОТКАЗ ОД НАРОДНИОТ ТЕАТАР ВО ШТИП

Штипскиот актер Владимир Тулиев, на пошироката јавност најпознат како Дончо од ТВ-серијата „Преспав“, вчера доби отказно решение од Народниот театар во Штип.


„Вчудовиден од решението, за миг низ главата ми поминаа над 20 улоги во македонските филмови снимени во последните 15 години и над 100 театарски ролји, почнувајќи од првата професионална улога во претстава, што се случи пред 42 години“, вели Тулиев, кој го објаснува образложението за отказот.


„Наведено е нарушување на боледувањето, откако на замолница на градоначалникот на Ресен отидов со неколкумина колеги од ‘Преспав‘ да снимам спот од 20 секунди за хуманитарно-еколошка акција за Преспанското Езеро. Спотот можеби беше снимен и пред моето боледување, а емитуван јавно за време на боледувањето“, вели Тулиев.


Горан Трајков, директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, во чии рамки работи Народниот театар, вчера и денеска е недостапен. Утрово под клуч беше и Центарот, каде се наоѓа неговата канцеларија. Пред да стане директор на Домот на младите, а потоа и на Центарот за култура, Трајков беше граѓански активист и голем поборник за заштита на работничките права.


Тулиев, кој доби голема поддршка од штипската и пошироката јавност на социјалните мрежи, каде што се осудува потегот на раководството на Центарот, додава дека под закана со отказ биле и други негови колеги во театарот.



извор: сдк

29060043_2016680208590936_36926234558838