Прославата за Рамковниот за влакно ги избегнува новите рестрикции

Серијата настани за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор, вредни половина милион евра, треба да финишираат со централна прослава во петок во скопскиот хотел Александар Палас, која ќе се одржи непосредно пред да стапат во сила новите порестриктивни мерки за заштита од ширењето на ковид 19.

Поради растот на бројот на заразени, до Министерството за политички систем на чело со вицепремиерот Артан Груби, кое впрочем ги организира настаните поврзани со 20-тиот роденден од Рамковниот договор, прашавме дали можеби се размислува за одложување на централната прослава? Досега, од таму не добивме одговор, меѓутоа од Владата не упатија на денешната изјава на Груби, кој при посетата на Државниот архив истакна дека прославата во петок, сепак, ќе се одржи, при што, истакна тој, ќе бидат почитувани сите мерки и протоколи што моментално се на сила.

Меѓутоа, построгите мерки, како што е целосна забрана на прослави во затворен простор и организирање на помасовни настани надвор под услов гостите да бидат вакцинирани, ќе важат од понеделник. Впрочем, ваква одлука веќе донесе Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, но тие не стапуваат на сила веднаш туку една недела подоцна.

„Периодот од една недела е за адаптација и на објектите кои треба да ги применат мерките, како и на инспекциските служби кои треба да го утврдат начинот на контрола“, ни одговорија од Министерството за здравство предводено од Венко Филипче.

Инаку, на прославата во петок се очекуваат околу 300 гости, меѓу кои ќе има и ВИП-личности од меѓународната заедница, кои на некаков начин беа поврзани со потпишувањето на договорот со кој се оконча конфликтот во 2001 година.

Фокус уште во мај годинава објави за тримесечната прослава што ја планира ресорот на Груби за 20-годишнината од Рамковниот договор, кога всушност беше објавен оглас за спроведување на јавна набавка.

Поточно, тендерската постапка се однесува на набавка на билети за превоз, рекреативни, културни и спортски услуги, хотелски услуги, услуги за организирање на настани и печатени предмети и сродни производи.

Според Бирото за јавни набавки, во рамки на оваа тендерска постапка договори вредни околу 500 илјади евра беа склучени со две тетовски фирми – друштвото за продукција и маркетинг „Арбериа Дизајн“ и Агенцијата за туризам „Еуро Турист“.

Според тендерската документација и техничката спецификација, избраните економски оператори имаа обврска да организираат сет на настани, работилници, културни манифестации, дебати, тркалезни маси во кои ќе бидат вклучени поранешни вицепремиери, невладини организации, универзитети и академска фела, институти итн.

Патем, тие мораа и да обезбедат хотел со 5 ѕвездички со можност да прими 300 учесници, како и да располага со фитнес сала и СПА центар, со 24 часа собна услуга, 24-часовно обезбедување, сопствен паркинг со капацитет од минимум 45 возила и вграден сеф со секоја соба.

Вчера министерот за здравство Филипче негираше дека важноста на антиковид мерките се пролонгираат поради оваа прослава, но кај одредени политички партии очигледно ваквиот сомнеж постои.

„Уше Рамковниов (договор) да го прославиме, и ве затвораме у карантин”, напиша на фејсбук лидерот на Левица Димитар Апасиев.


извор: фокус


29060043_2016680208590936_36926234558838