Ѕвезди од соседството на печалба кај нас, а ние чекаме да ни „капне“ од некоја свадба!

Продолжениот празничен викенд ни донесе концерти на Лепа Брена, Ацо Пејовиќ, Жељко Самарџиќ, Фрајле, Петар Грашо, Бајага, Јала Брат, Буба Корели, Саша Матиќ и многу други регионални музички ѕвезди, во повеќе градови во земјава. Музичари од соседството, кои од почеток на панедмијата речиси и немале настап во своите земји, изминатиот период ги окупираа нашите поголеми ноќни клубови.


Листата на големите музички имиња кои започнаа да ни доаѓаат уште од минатиот месец е долга. Јелена Карлеуша, Саша Ковачевиќ, Дивје јагоде, Рибља чорба, Данијела Мартиновиќ, Сека Алексиќ, Адил, Мирза Селимовиќ, ОК Бенд, Александра Пријовиќ, Катарина Грујиќ, Џенан Лончаревиќ, Реља Поповиќ, Милица Тодоровиќ и многу други веќе имаа и по неколку настапи низ земјава.


Пеат во клубови, покрај базени, во античките театри… И за наредниот период се актуелни најави за голем број на концерти на регионални музичари, помеѓу кои Цеца, Маја Беровиќ, Рибља чорба, Тони Цетински и десетици други, кои веќе имаа и по неколку гостувања кај нас ова лето. Барањето и апелите на Здружение на естрадни уметници на Македонија, ЗЕУМ, владата да не дозволи гостувања на странски пејачи во ек на панедмија, но и сопствениците на локали наместо регионални, да ангажираат домашни музичари, не вродија со плод.


На странските пејачи, посебно овој период по укинувањето на забраните за жива музика, Македонија им стана редовна во агендите. Ако до пред панедмијата најчесто можевме да ги слушаме само за време на општински манифестации како главни гости, на концерти во големите спортски сали, и многу поретко во некој клуб, сега веќе на некој начин како да се одомаќинија овде, па нема викенд без најавите за гостување на барем неколку балкански ѕвезди. Нашите музичари, кои во ек на забраните за настапи со душа чекаа нивно укинување и гледаа на летниот период како на време кога ќе можат да го наполнат својот буџет, останаа разочарани.


На социјалните мрежи актуелни им се критиките поради навалата на странски пејачи, но и обвинувања дека лани, токму на големите концерти на музичари од регионот се случиле најголемите кршења на мерките за заштита од вирусот.


-Поради нив лани сите ние добивме забрана за настапи, сега историјата ни се повторува – реагираат многу од нив.

Се жалат дека единствено им преостануваат настапи во помали локали, или пак да заработат од некоја свадба или крштевка.


-Се трудиме да преживееме. Ако се укинат и свадбите, не знаеме што ќе правиме. Дали некој се запрашал, колку од овие странски ѕвезди, кои на Македонија сега гледаат како на Швајцарија, одлично место за брза заработка, ќе ни дојдат доколку ги повикаме да пеат на некој хуманитарен настан? – прашуваат нашите музичари, кои преку ЗЕУМ бараат да се регулираат гостувањата на странските пејачи, и да треба да уплатат дел од своите хонорари заработени во земјава, во Музичка комора, во чие формирање гледаат спас од состојбата.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838