(ВИДЕО) Мицкоски: Илинден е нашата епска битка, наша библија и крст кој го носиме


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска се обрати во струшкото село Ташмаруништа по повод Денот на Републиката.

На сите Македонци, каде и да се, Честит Илинден и нека е вечен празникот. Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го започна својот говор во струшко Ташмаруништа.

– Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашето македонско верују, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ова се најтешките години од независноста до денес.

– Знам дека ова време се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила. Голораки, против најголемите, но со срце пламено, со храброст грамадна, рече Мицкоски.

Додаде дека Илинден е на сите и затоа Македонија мора да биде земја за сите.

– И затоа мораме да успееме како земја и не смееме да се задоволуваме со просечни работи, а во ова тешко време просечноста ни изгледа добра, бидејќи си имаме работа со најлошите, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

29060043_2016680208590936_36926234558838