За Илинден во Трново – СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА


СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

ЈАВНА ПОКАНА ДО СИТЕ МАКЕДОНЦИ ПО РОД И ДРЖАВЈАНСТВО, ОД СИТЕ ДЕЛОВИ НА МАКЕДОНИЈА, ОД СВЕТОТ И ТАТКОВИНАТА, ЗА УЧЕСТВО НА 50. ЈУБИЛЕЈНА СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА НА 2 АВГУСТ ВО ТРНОВО, БИТОЛСКО!

1 август 2021 година, Битола, Македонија - Утре, на 2 август, на големиот христијански празник Свети Отец Пророк Илија - Илинден, и Денот на државноста на Македонија, во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, битолско, ќе се одржи традиционалната 50-та јубилејна Светска Македонска Иселеничка Средба и 41 Погранична Средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија како Една и единствена СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ТРНОВО 2021!

Организатори на 50. Семакедонска средба се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

На Семакедонската средба се очекуваат Македонци од сите делови на Македонија и од целиот свет.

Семакедонската средба започнува во 10.30 часот а ќе трае до 12.30 часот, по што ќе продолжи со општонародна веселба.

Во име на организаторите Средбата ќе ја поздрават Тодор Петров, Александар Јаневски и Михаил Огненовски, како и претседателот на Македонската партија во Албанија и пратеник во Собранието на Албанија, Васил Стерјовски.

Присутните ќе ги поздрави Ане Лашкоска пратеник во Собранието на Македонија.

Подготвена е богата културно-уметничка програма во која ќе учествуваат Културно-уметничкото друштво “Гоце Делчев“ од Битола и естрадни уметници.

Со сите разлики меѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и во светот, само Македонија е наш еден и единствен заеднички именител, само Македонија е наш еден и единствен заеднички содржател! Затоа, организаторите повикуваат на семакедонското помирување и обединување за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ, затоа што во единството е силата за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ!

На Семакедонската средба поканети се сите Македонци по род и државјанство, од сите делови на Македонија, од светот и татковината!


29060043_2016680208590936_36926234558838