Maл Шенген, голема беља


Половични регионални форми на соработка и здружување се опасни за Македонија. Тенденциите и старите државни политики на сите балкански држави не се во целост искрени и не во целост ја почитуваат самостојноста, територијалниот интегритет, суверенитет, културна и етничка засебност, самостојност и право на духовна автокефалност на Македонија и македонскиот народ.

Стратегиите на балканските држави (или барем на дел од нив) за жал сѐ уште се од минатите векови.

Европските аспирации и желби на нашата држава, како и сите форми на регионална соработка, се легитимни и исправни, но секогаш треба да бидат во корелација со државните и национални интереси.

Македонскиот народ има право да живее во „обединета Македонија во обединета Европа" и тоа е основата на политичкото движење која веќе 30 години ја води Македонија кон европски интеграции.

Секоја форма на регионална соработка во која не се исполнува вековната желба на македонскиот народ да живее во Македонија без граници, но и им дава небалансиран примат на еден, два или три од нашите соседи не е во интерес на Македонија. Балканот не е географија само на држави кои не се членки во ЕУ.

Каква било форма на регионална соработка на Балканот во кој Македонија ќе биде вклучена мора најмалку да ги вклучува сите 5 соседи на нашата држава, бидејќи базично македонскиот народ живее во сите нив.

Наше вклучување во регионална форма на соработка која го тангира српското и албанското прашање на Балканот, а не го ни допира македонското, не е потребна и е штетна.

Македонија не смее да биде ниту кусур, ниту посредник во меѓусебните односи на Албанија и Србија.

Ако можеме да помогнеме за мир на Балканот, секогаш треба да го правиме тоа, но не на наша штета и на наша сметка.

Потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција, во кој се отворија и идентитетски и историски прашања, природно ги разбудија аспирациите на сите кон нас и кон Македонија.

На Македонија не ѝ требаат договори за историјата, на Македонија ѝ требаат договори за иднината.

Отстапките кои ги направи Македонија се преголеми и штетни, а и покрај тоа не дадоа ветуван резултат.

За тоа мора да се понесе одговорност.

Дополнително, албанската опозиција, целата политичка елита на Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина веќе се изјаснија против овој Мини Шенген. Бугарија и Грција не го ставаат ни на ум. Хрватска, Романија, Турција и Словенија сеуште не ни слушнале за ова приватно шоу. Со овој потег сме подалеку од ЕУ. Им правиме услуга на скептичните европски држави давајќи им аргумент дека сеуште не е време за наше членство во ЕУ.

Регионална соработка за економија, спорт, култура, образование, медицина и слично секогаш е добредојдена.

Но за политички прашања, единствено ако сите балкански држави бидат дел од таа иницијатива, седат на иста маса и се рамноправни.

На Македонија ѝ треба нова политика. И треба ум и мудрост.

Илија Димовски



29060043_2016680208590936_36926234558838