Фајзер не ја спречува инфекцијата кај дури 61 процент, објави Израел


Министерството за здравство на Израел објави дека ефикасноста на вакцината Фајзер против корона вирусот падна во спречувањето на инфекцијата на 39 проценти, а симптоматската инфекција на 41 процент, но сепак е релативно висока во спречувањето на тешки болести.


Како што е наведено, ефикасноста во спречување на сериозни болести е 91 процент, и во спречување на хоспитализација на вакцинирани 88 проценти, јавуваат денес израелските медиуми.


Овие податоци беа објавени три недели откако беше откриено првото намалување на ефективноста на вакцината Фајзер против поинфективниот вид на вирусот, односно делта.


Вирусот доведе до зголемување на бројот на нови инфекции во Израел, и покрај брзата кампања за вакцинација. Повеќе од 5,7 милиони Израелци ја примиле првата доза на вакцината, а над 5,2 милиони се целосно имунизирани.


Меѓу оние кои ги примиле и двете дози на вакцина и се сметале за целосно имуни, 5.770 биле позитивни на вирусот по повеќе од милион тестови.


Министерството за здравство забележа остар пад на ефикасноста на вакцината врз основа на неодамнешните анализи кои сугерираат дека ефективноста на вакцината опаѓа со текот на времето во спречување на инфекција, но и сериозни болести.


И покрај наводниот пад на ефикасноста на вакцините, израелскиот премиер Нафтали Бенет синоќа ги критикуваше Израелците кои одбиваат да бидат вакцинирани, велејќи дека тие „го загрозуваат населението, преостанатите осум милиони граѓани“.


„Сите Израелци кои можат да бидат вакцинирани мора да бидат вакцинирани“, рече Бенет, потсетувајќи дека околу милион Израелци кои можат да ја примат вакцината одбиваат да ја примат.


Ширењето на делтата се припишува, меѓу другото, на големиот број патници на меѓународниот аеродром во Израел, кои не биле тестирани или изолирани при нивното пристигнување.


Покрај тоа, децата под 12-годишна возраст се подложни на вирусот, бидејќи не можат да примат вакцина.


извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838