ВЛАДА: Законот за канабис со европско знаменце ќе биде донесен

Владата на последната седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Извозот на сув цвет од канабис за медицински цели веќе почна, но сега со предлог-законското решение попрецизно се регулира овој извоз и се воведува нова давачка од дополнителни 10 проценти од приходот на компаниите за производство на медицински канабис, пари кои ќе одат во специјален фонд. Целта е граѓаните да видат јавно добро. Затоа ќе биде поддржан фондот за ретки болести, фондот за медиуми за продукција на содржини од јавен интерес, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор. Од специјалниот фонд ќе биде поддржана и работата на новопредвидената Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели.

Одговарајќи на новинарско прашање портпаролот Душко Арсовски посочи дека овој предлог-закон се носи со европско знаменце бидејќи во текстот се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции на ОН што го уредуваат ова прашање.

– Законот има европско знаменце затоа што во неговиот текст има повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година, истакна тој.

Одговарајќи на новинарско прашање за декриминализацијата на канабисот за лична употреба, Арсовски посочи дека со новите законски решенија ќе се допрецизираат овие прашања.

Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес конференција во врска со предлог-законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанции кој владата го предложи до Собранието со европско знаменце изјави дека власта сака да легализира криминал и тоа директно преку Собранието на Македонија, преку злоупотреба на европското знаменце.

Тој смета дека Законот за марихуана е закон за бизнисите на Зоран Заев.

– Лиценците за канабис кои се дадоа изминативе години, се лиценци за прерaботка на масло од канабис и финален производ за медицински цели, но и не за извоз во форма на сув цвет од канабис, како што предвидува ова законско решение. Меѓу овие лиценци е таа и на семејството Заеви. Јавна тајна се сомневањата дека лиценците за преработка на масло од канабис се издаваа за 300.000 до 500.000 евра, пари кои се сомневаме дека завршуваа единствено во џебот на фамилијата Заеви. Законот на Заев за марихуана го потврдува сомнежот дека ветувањето до компаниите одгледувачи на марихуана било и овозможување на извоз на цвет од канабис, вели Петрушевски. И наместо да зборуваме за дигитализација, вештачка интелигенција, за 21 век, за владеење на правото, и нови работни места, реагира ВМРО-ДПМНЕ, власта носи закони со кој во Европа и во светот ќе станеме познати земја производител на марихуана.


извор: лидер

29060043_2016680208590936_36926234558838