Седуммина од акцијата „Планина“ без судење одат во затвор, се спогодија со обвинителството

По донесената наредба за спроведување на истражна постапка, седуммина припадници на т.н. група од Гази Баба, осомничени во предметот „Планина“, откако беа запознаени со доказите што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат.

Врз основа на признание на вина, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог -спогодби со осомничените. Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд – Скопје ги прифати Предлог – спогодбите и ги огласи за виновни за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори сите седум обвинети. Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор и тоа: -на осомничените А.Р. (31) и Е.С.(25) во траење од четири години и шест месеци; -на осомничениот А.И.(20) во траење од четири години и -на осомничените С.И. (22), А.К.Б.(19), Ф.А.(20) и Р.И.(21) во траење од три години.

Од Обвиниителството потсетуваат за што се гонеа осомничените: Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година сега осудените како повеќе лица, со умисла, се здружиле за вршење на кривични дела со преземање на временски меѓусебно поврзани дејствија. Искористувајќи исти прилики и други слични околности тие повеќекратно неовластено набавувале, држеле и продавале наркотична дрога и психотропни супстанции. А.Р. и Е.С. во повеќе наврати неовластено набавиле наркотичната дрога од НН лица, па откако кратко време ја држеле кај себе, ја предавале на чување на А.И., С.И., А.К.Б. и Ф.А. кои вршеле неовластена продажба. А.Р., Е.С. и А.И. имале воспоставени контакти со купувачи на подрачје на Градот Скопје и договорената количина и вид на наркотична дрога соодветно спакувана ја предавале на купувачите, а остварената корист од неовластената продажба во договорени делови меѓусебно ја распределувале. Согласно член 215 став 6 од Кривичниот законик, во корист на РСМакедонија, како предмети што се употребени за извршување и кои потекнуваат од кривичното дело, се одземени: едно патничкото моторно возило марка Volkswagen Golf – Голф, црна боја, 18 мобилни телефони, еден таблет, еден ланец со кралска плетка со жолта боја, една жолто сребрена алка, еден прстен со жолта боја, 2880 евра во банкноти во различни апоени, 157.300,00 денари во банкноти во различни апоени, 21 пакување кокаин со вкупна тежина од 10,08 грама и 1 пакување марихуана со вкупна тежина од 3,11 грама.

Обвинетите се упатени на издржување на изречената казна, за двајца осомничени предметот е отстапен на надлежно постапување во ОЈО Скопје, а за останатите од групата во Грчец истражната постапка е во тек,информираат од Обвинитеството.


извор: фокус


29060043_2016680208590936_36926234558838