Ѓоковиќ го освои Вимблдон

Новак Ѓоковиќ го освои третиот сезонски Грен слем трофеј, откако во финалето на Вимблдон го победи Матео Беретини со 3-1. Иако Италијанецот пружи силен отпор и одигра добар натпревар, немаше сили за подвиг на оваа средба. Ѓоковиќ поведе, а Беретини израмни на 1-1. Српскиот ас одигра одлично, го крена темпото и квалитетот и заслужено победи.

Беретини во грч го отвори денешното финале. Италијанецот тешко се движеше на тревната подлога во „Ол Ингланд Клаб“, не само заради ситната повреда на бутниот мускул, туку и поради фантастичната игра на Ѓоковиќ. Српскиот ас тргна моќно и ги казнуваше сите грешки на противникот, па уште во четвртиот гем се избори за првиот брејк кој му донесе водство од 3-1. Првиот рекет на светот продолжи во ист ритам и поведе со 5-2, но кога се очекуваше дека без проблеми ќе го освои првиот сет, Беретини магично се врати во игра и со неверојатен пресврт приреди изненадување и во вториот сет влезе со предност од 1-0. Одлучувачки момент во првиот сет беше осмиот гем, во кој Беретини одбрани сет топка на противникот и намали на 5-4, па потоа со 7-4 беше поуспешен во тај-брејкот.

По повеќе од едночасовната битка во воведниот сет, вториот се одвиваше по речиси идентично сценарио како првиот. Ѓоковиќ одново прв одзеде сервис на противникот и пак имаше водство од 5-2, но овој пат не дозволи нов кикс и искусно го сведе сетот во своја корист (6-4).

Беретини и во третиот сет имаше проблеми со гемовите на свој сервис. Откако го освои првиот, во вториот дозволи Ѓоковиќ без многу пот да забележи нов брејк и да поведе со 3-1. Големиот шампион експресно го потврди брејкот, а откако во шестиот гем спаси две брејк топки на Италијанецот, јасно беше дека нема да ја испушти предноста и за првпат поведе на овој меч (6-4).

Во завршниот сет Србинот и Италијанецот отворено се надигруваа, играа гем за гем се до седмиот. Ѓоковиќ го направи првиот брејк и најави дека е близу до трофејот. Беретини пак пружи отпор, парираше и враќаше поени и удари, ама Ноле ги доби и преостанатите два гема за триумф.

Ѓоковиќ го освои дваесетиот Грен слен трофеј во својата кариера и ја обедини „големата тројка“. Сега, Новак, заедно со Федерер и Надал фигурира на врвот на вечната листа.


извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838