Македонската економија не расте, оценува „Виенскиот институт“

Македонија е една од трите источноевропски економии во кои нема подобрување на економијата по пандемијата, оценува Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Во најновите економски проекции на Институтот стои дека подобрувањето на економиите во Источна Европа е над очекуваното, но во Македонија го нема.


Се наведува дека буџетскиот дефицит во нашата земја во првиот квартал е 4,1 процент од БДП. Се забележува на слабата реализација на капиталните расходи, која е 34 проценти под планот, па се вели дека во првите пет месеци се остварени само 22 отсто од проектираните јавни инвестиции за цела година. Односно, од вкупно предвидените 400 милиони евра во првите пет месеци потрошени се само 80 милиони евра.


Авторот на анализата Бранимир Јовановиќ за неколку медиуми појасни дека тоа е така затоа што владата не дала добра финансиска помош за фирмите и за граѓаните, а ако сака добар економски резултат, треба да троши.


-Причината во нашиот случај е иста како што беше случај зошто Македонија лани помина лошо во кризата, а тоа е дека Владата не обезбеди доволно финансиска помош за економијата, за фирмите и за луѓето. Ако го погледнеме Буџетот, во првите пет месеци реализацијата е многу помала од она што се планираше, конкретно ќе ги земам инвестициите – капиталните расходи во првите пет месеци се реализирани само 22 отсто. Според логиката дека во секој месец треба да се распределуваат сразмерно би требало во првите пет месеци да имаме 40 отсто реализација, а ние имаме отприлика пола од она што треба да го имаме. Во првите пет месеци имаме само 80 милиони евра капитални инвестиции. Владата сега предложи ребаланс на Буџетот, Собранието уште не го донесе, и таму предвидуваат раст на капиталните расходи од 27 отсто, односно дека во целата година ќе има инвестиции во износ од околу 500 милиони евра. Тоа е практично невозможно. Во првите пет месеци имаме 80 милиони инвестиции, а сега велат во следните седум ќе имаме 420 милиони инвестиции, тоа е невозможно, вели Јовановиќ.


Тој за пример ја дава Србија, каде има раст на инвестициите и се очекува да е меѓу земјите со најголем економски раст.


-Да не одиме премногу далеку, да ја земеме Србија, која во првиот квартал забележа огромен раст. Србија е една од економиите за кои се очекува годинава да има еден од највисоките растови, се очекува да има шест проценти раст. Србија не е нешто премногу различна од Македонија, не зборуваме за некоја држава што е светлосни години пред Македонија и има проблематична политичка гарнитура што е на власт, но во оваа криза се покажува дека ги прави сите работи како што треба. Инвестираше многу повеќе од Македонија, таму јавните инвестиции многу пораснаа во првиот квартал и затоа имаат повисок раст, вели тој.


Очекувањата во анализата се дека годинава ќе има раст кај 20 земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа за 4,2%, што е нагорна ревизија од 0,4% во споредба со априлската прогноза. Причините за тоа се силниот раст во САД (1,6%) и Кина (18,3%) во првиот квартал, како и ревидираната прогноза за раст за 2021 година за еврозоната (4,4%) и за ЕУ (4,5%).

Виенскиот институт за економски студии ги скрши розовите очила на Заев, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на анализата.


-А заздравувањето на економијата не е ниту на повидок. Извештајот на Виенскиот институт нотира дека власта троши повеќе отколку што има. Според истиот буџетскиот дефицит во првиот квартал завршил на 4% од БДП. А се нотира и слабата реализација на капиталните расходи, која паднала за 34% под планот. Извештајот на Виенскиот институт е уште еден црвен картон за владата која не работи ништо, и се занимава само со криминал, рекоа од партијата.


Од друга страна, заменик-претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова, оценува дека мерките на Владата помогнале во ублажувањето на најнепосредниот негативен ефект од кризата предизвикана од ковид-19. Во интервју за МИА таа вели дека како во повеќето други земји, неопходна е натамошна поддршка од локалните и меѓународните финансиски институции за да се помогне Северна Македонија побрзо да закрепне и да се интегрира на пазарите во регионот и во ЕУ.


-Покрај силната трговска врска со ЕУ, економијата страдаше од затворањето на границите и другите рестрикции кои влијаеја неповолно на трудоинтензивните услужни сектори, како малопродажбата и туризмот. Според Анкетата на претпријатијата во услови на ковид-19 што ја спроведе ЕИБ, 40 проценти од фирмите во Северна Македонија биле привремено затворени за време на пандемијата, а околу 70 проценти од нив искусиле намалена ликвидност или достапност на проток на готовина, што на крајот довело до голем пад на продажбата (38 проценти на годишно ниво) и на работната сила (15 проценти), посочува Павлова.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838