ФОКУС: Фирми на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов со рекорден раст во кризна година


Фирми поврзани со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов од секторите градежништво, земјоделско производство и трговија со текстил, лани оствариле најголем раст на приходите, поради што влегоа на листата на топ-100 компании со највисок обрт на средства во минатата кризна година, пишува најновиот број на неделникот Фокус.


Една од нив е „Крмзов-МР“, која лани остварила приходи од 3.445 милиони денари, што е за 263 отсто повеќе од 2019 година, кога приходите изнесувале 950 милиони денари. Впрочем, ваквиот раст коинцидира со промената на дејноста на друштвото, кое од 2013 година се бавело со градежништво се до оваа 2021 година, кога се преориентира кон трговија на текстил.


Уште поексплицитен е примерот со компанијата „Агро Крмз“, чија дејност била одгледување на овошје од 2013 година се до почетокот на оваа година, кога се трансформира во, исто така, текстилна компанија. Токму тогаш, нејзините приходи растат за дури 66.652 проценти, односно од 3,9 милиони денари скокнале на 2.603 милиони денари. Воедно, оваа компанија бележи раст и на обврските, а има и долг по основ на наплатен ДДВ од 49 милиони денари.


-Обврски по основ на ДДВ се остварени по основ на разлика во цена и голем промет. Долгот се намалува секој месец и за него се плака камата – вели Крмзов, додавајќи дека големиот раст на неговите компании се должи на зголемена продажба на станови, на трговијата на големо со текстил, како и на зголемено производство на лешник.


Инаку, тој до лани бил сопственик на уште две струмички компании за трговија со текстил – „Винас Текстил“ и „Арена Метал“, кои исто така бележат раст, но истовремено имаат и долгови. Неодамна, опозицијата јавно спомена дел од овие компании, обвинувајќи дека тие се дел од „добро разработена шема на извлекување на пари по однос на поврат на данок на додадена вредност“.


Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.


Влатко Стојановски

29060043_2016680208590936_36926234558838