Д-р ГРОЗДАНОВСКИ: Јас ја фотографирав гpeшната табла и за тоа ме пpepаспределија

Доктор Мирослав Гроздановски, невролог во поликлиниката Букурешт, во редакцијата на „Слободен печат“ се пожали дека откако минатата недела ја фотографирал спорната табла каде што одделението за „дерматовенерологија“ беше погрешно испишано, а потоа закачено во оваа здравствена установа, добил решение за прераспределба во друга поликлиника. Според него, самото тоа што ја фотографирал таблата, претставувало основ поради кој директорот на здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски го префрлил во друга институција.


Директорот Исијановски, пак, за „Слободен печат“ комплетно ги негира овие наводи и тврди дека во другата поликлиника имало потреба од професионалец како неговиот колега, па затоа ја извршил прераспределбата.


-Имаме колешка помлада од мене 25 години, а јас сум на четири години до пензија. По правилата на нештата, обично секогаш се праќаат помлади колеги во друга клиника. Му кажав на директорот дека во Букурешт направив врвен европски кабинет и еве гледате, од суета нечија, што се случува. И тоа јас не ја објавив фотографијата туку професорот Никола Пановски. Ама не можеш по магарето, па удри по самарот. Мобинг ми прави, не ми ја дава честа, ни правдината, кога има помлада колешка да оди таа, а не јас. Јас ја фотографирав таблата и тоа е причината за мојата распределба, дефинитивно. Тоа е јавна табла, патоказ за луѓето. Не сум фотографирал нешто тајно. Одлуката за прераспределбата моја, дојде отпосле откако ја фотографирав. Четвртокот се случи, си коментирав со колегите приватно. Не објавив ништо, објави Никола Пановски. Попладнето ја заменија таблата, а утредента околу 13 часот кога дојдов на работа курир ми достави решение за прераспределба од петти дека сум распределен во Бит Пазар. Значи месецот почнал. Нормално дека не го потпишав решението. Му пишав допис на директорот Исијановски и денеска разговарав со него и ми кажа дека експерт како мене му треба на Бит Пазар и дека одлуката е конечна. Му реков дека ќе дадам отказ, зашто сум на четири години пред пензија, но тој рече дека одлуката му е конечна. Не сака да ја отповика одлуката и негира дека ме распределува поради тоа што ја фотографирав таблата, изјави за „Слободен печат“ доктор Гроздановски.

Тој додава дека не му е јасно, зошто помладата колешка не е прераспределена, доколку кадар од истата специјалност е потребна во поликлиниката Бит Пазар.



Извор: Слободен Печат

29060043_2016680208590936_36926234558838