НАУМЧЕ МОЈСОВСКИ: Ќе ги стопирам сите средства кон ФФМ треба да го смениат ИМЕТО


Иако само седум месеци е директор на Агенцијата за млади и спорт, легендарниот ракометен репрезентативец на Македонија, Наумче Мојсовски, успеа да реализира голем дел од зацртаниот план, да покаже дека е тука за спортистите, но и да стави крај на, според него, незаконското работење на дел од федерациите. Убедливо најголема главоболка има поради Фудбалската федерација на Македонија, која доколку продолжи со игнорирање на законот за спорт, ќе остане без парите кои потоа завршуваат кај фудбалските клубови.


Колку сте задоволни од Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на ЕП 2020?


- Координативно тело беше формирано за да им се помогне на навивачите поради пандемијата, за да имаат полесно патување и сè останато поврзано со ЕП 2020. Од самото мое искуство, како поранешен ракометар, за полесно поминување на границите и околу сместувањето, беше формирано ова тело од страна на Владата и сите други институции од министерства, па дури и од ФФМ. Искрено, од ФФМ не наидовме на некакво разбирање, можеби мислеа дека тоа тело е формирано за да биде против ФФМ, но тоа тело беше формирано само за навивачите. На почетокот мерките беа многу строги, но на наше барање, мерките во Романија попуштија и видовме околу 5.000 македонски навивачи на трибините. Таа група на навивачи лесно ја поминуваше границата, беа одлично примени, во самата амбасада беа давани ракавици кои идеа со самите карти и сè друго. Во Холандија не успеавме да издејствуваме попуштање на мерките иако на ден-два до натпреварот Македонија не беше на црвената листа со заболени. Се обидовме, но Холандската Влада не дозволи. Во Романија имавме целосна контрола на ситуацијата, знаевме кој оди, со што ќе пристигне, каде е сместен. Ќе беше подобро ако имавме координација со ФФМ, но тоа е.


Дали сте задоволни од настапот на нашиот национален тим?


- Задоволен, прво големо натпреварување, можеби можеше малку подобро. Јас мислам дека распоредот ќе беше подобар ако прво игравме против Холандија, за да видат дека станува збор за нешто сосема нормално и дека играат фудбалери, а не вонземјани. Исто како што игравме пријателска против Словенија, Казахстан… Се виде дека има некаков грч затоа што секое второ полувреме го одигравме далеку подобро, дека кога ќе се опуштат, играат далеку подобро. Големо искуство за нас, имаме добар старт во квалификациите за СП 2022, имаме шанса повторно да се пласираме на едно големо натпреварување и мора да го искористиме стекнатото искуство од ЕП 2020.


АМС во изминатиот период беше актуелна поради конфликтот со ФФМ. Каде „лежи“ проблемот?


Проблемот лежи во ФФМ. Законот е јасен за сите, не може 64 федерации кои се признаени од државата и од АМС, да се усогласени со законот за спорт, а една да не е. Тоа е голем проблем затоа што тие не ги почитуваат државните закони, а бараш средства од нас и сè друго. Законот мора да важи за сите и проблемот е тука без разлика дали Сејдини е претседател или некој друг. Прво да заврши ЕП, а потоа, со 99% сигурност можам да потврдам дека ќе ги стопирам сите средства за клубовите поради непризнавање на законот на самата држава. Јас немам друг избор освен тоа да се случи. Тие може да се повикуваат на некаков закон во УЕФА или ФИФА, но клубовите играат во Македонија, шампионот ја претставува нашата земја во ЛШ. Станува збор за Фудбалската федерација на Македонија и ти имаш обврска да ги почитуваш законите на Македонија. УЕФА вика дека треба да се почитуваат нивните закони, но и законите за спорт во државата. Кога не си усогласен со законот ти организираш нелегитимно собрание Како тоа прво ќе избереме претседател па потоа ќе го примениме законот за спорт? Ќе има реакција и за организираното собрание, ќе ги стопирам сите работи кон ФФМ. Мора да сфатат дека не се над законот, не сè над државата! Ако нешто се случи тие нема да одговараат пред државата? Ќе одговараат пред УЕФА или ФИФА? Тие примаат средства од АМС, тие средства се ваши, мои, од плаќање на данок на оваа држава. Како тие бараат средства од нас, а не ги почитуваат законите? Уште во 2017 година кажаа дека ќе се усогласат со законот, а од тогаш поминаа четири години. Ова нивно однесување води кон анархија, а јас сум против тоа и затоа ќе ги стопирам сите средства. Дури 99% од клубовите се финансираат од АМС и затоа ќе видиме колку е важна државата и законите. Можеби тоа е на штета на клубовите, но не е можно да добиеш поддршка за нешто нерегуларно, да бидеме сооучесници со вас. Јас како спортист нема да застанам, нема враќање назад и ќе го истуркам до самиот крај.


Со ФФМ имате проблем и околу името?


Не беше во право министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кога изјави дека ФФМ нема обврска да го менува името. ФФМ има добиено пари од АМС, од државата, околу 1,4 милиони денари за младински категории во февруари. Ние мора да го испочитуваме Преспанскиот договор и има две опции. Едната е да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија, а втората е да биде Фудбалска национална федерација. Нема федерација во Македонија која не примила средства од АМС, освен тие кои се блокирани. Има проблем и со пливачката и скијачката федерација и ќе мора да се организира вонредно собрание за да претседателот добие легитимитет. Има уште неколку федерации во кои постои самоволие, мислат дека тоа е нивна фирма, дека е нивна сопственост, а 99% од помалите федерации се спонзорираат од нас.


Колку сте задоволни од распределбата и користењето на ваучерите?


- Сите федерации имаат обврска да поднесат документација, а ние гледаме што поднесуваат и ги проверуваме. Толку можеме, до тука се нашите права, потоа ќе биде мешање во нивното работење. За жал најголемиот дел од федерациите функционираат со помош на средствата кои ги добиваат од АМС, од програмите, од игрите на среќа… Дефинитивно сакам да го засилам тој инспекциски надзор, за да правиме регуларни контроли и да видиме на дело кој за што ги зел парите и за што ги користи. Сакам во ваучерот да стои дека не повеќе од 50% може да биде искористен за плата на странски спортисти. Добро е да има странци, но не може цел ваучер да биде искористен за нивната плата, а да нема за домашните деца. Клубовите се научено да добиваат помош од државата, но тоа не може да биде нон-стоп.


Македонија ќе има осум спортисти на ОИ во Токио. Дали е потребно повеќе да се финансираат и форсираат помалите спортови?


- И сега се финансира во помалите спортови. Треба да се инвестира, но треба да се инвестира во млади Македонци. Ракометарите два пати играа квалификации за ОИ и можеби ни фалеше еден странец за да успееме. Јас сум за да се вложува во поединечните спортови, така е полесно да се избори пласман на ОИ, но и на нив им треба многу години за да изборат А-норма. Очекував каратистот Емил Павлов да обезбеди норма, но тој не успеа. Веќе е стапено во контакт со сите федерации и таму се информирани дека спортистот кој има најголеми шанси да обезбеди норма треба да биде директно помогнат од самата федерација и од АМС.


АМС има потреба од спортист за директор или политичар?


- Јас сум спортист и сум за таа опција иако на почетокот имаше голем број на реакции, но на крајот се покажа дека некои работи кои не беа направени во изминатите 10 години јас ги направив во првите шест месеци и сега сите се благодарни. Се надевам дека ќе помогнам, ја знам болката на спортистите, знам што им треба што им е проблем. Планирам да го решам и проблемот со стажот и здравственото осигурување на спортистите. Еден Наумче Мојсовски, 20 години репрезентативец со повеќе од 200 настапи за националниот тим нема еден ден стаж. Тоа е проблемот на спортистите, незагреаните сали, инфрастрктурата, опремата… Не може спортистот сам да си плаќа карта, опрема и сместувања за да биде дел од некое големо натпреварување. Не може на тренерката да му пишува Македонија, ќе му пишува дека татко му се му платил. АМС дава пари, а федерацијата мора се да му обезбеди на спортистот.


gif

извор: вечер прес

29060043_2016680208590936_36926234558838