Владата без лимит се гостела на Преспанскиот форум за дијалог


Членовите на Владата и нивните гости без лимит се гостеле на Преспанскиот форум за дијалог во Охрид и Отешево. Службените трошоци за угостителски услуги немале лимит, затоа што Владата непосредно пред настанот донела таква одлука на 23 јуни на владина седница.


Во одлуката за начинот на користење на висината на износот на средствата за угостителски услуги на територијата на земјата бил донесен став според кој лимитот на угостителски услуги не се однесува при „одржување на: меѓународни конференции, меѓународни форуми, прием на странски делегации и пригодни свечености по повод јубилеи и празници на територијата на Република Северна Македонија".


По иницијатива на вицепремиерот за спречување на корупција, Љупчо Николовски, во Владата беше донесена одлука во април службените трошења за угостителските услуги да бидат лимитирани до 2.500 денари по лице за премиерот па до 1.000 денари по ручек за директорите на државните органи. Со најновата одлука на Владата, ова не би важело за „Преспа форум за дијалог“.


За останатите ситуации, владиниот функционер доколку го пречекори лимитот, треба со свои лични средства да го исплати остатокот од сметката од работниот ручек најмноги три дена потоа. Треба да поднесе и извештај за природата и целта на работниот состанок, број на присутни лица, време, место и датум на работниот состанок. Без овие податоци, секторот за финансии во државниот орган не би извршил исплата а следуваат и санкции според кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата.


На „Преспа форум дијалог“ се собраа повеќе од триста гости меѓу кои беа сегашни и поранешни премиери и претседатели од регионот и високи државни претставници на САД и ЕУ, експерти, сегашни и поранешни челници на највисоките политички, безбедносни и финансиски институции, дипломати и професори. Настанот бил грижливо планиран цела една година.


Од системот за јавни набавки може да се види дека Министерството за надворешни работи веќе склучило договор со „Голден Тур“ за 3,54 милиони денари во мај за „набавки на ресторански и хотелски услуги во земјата и закуп на конференциски сали преку туристичка агенција“.


gif

извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838