ССМ ПРОТИВ ОТПУШТАЊЕТО ТЕКСТИЛЦИ: Договорите на определено време се најголемото зло за работниците

Сојузот на синдикатите на Македонија бара работодавачите да не ги отпуштаат сега вработените од текстилната индустрија, бидејќи, како што велат, во спротивно никогаш нема да најдат работници да им работат.

Тие бараат итно измени во Законот за работни односи, со кои нема да може неограничено да се продолжуваат договорите на определено време, туку тоа да биде возможно само за период од максимум една година, бидерјќи, како што велат, тие се најголемото зло за работничките права.

„Додека други таканаречени граѓански организации кои само декларативно се борат за работнички права, јавно ги повикуваа и ги учеа работодавачите како требало да се отпуштаат работници и какви откази да се даваат со цел полесно ослободување од работници во компаниите, ССМ гласно зборува дека таквиот вид на Договори за вработување на определено време беа главна причина за огромниот број на невработени во време на пандемија, а поради тоа што сеуште овој вид на Договор за вработување не е ограничен на максимум една година, работодавачите најавуваат дека по овој основ ќе им бидат прекинати договорите за вработување на голем број на работници во наредниот период“, велат од ССМ во своето соопштение до јавноста. Според Дарко Димовски, претседател на ССМ, најголема небулоза во Законот за работните односи е тоа што тие договори на определено време се неограничени и може секој месец да се продолжуваат.

„Со нив се држи работникот во неизвесност, да не си ја планира својата иднина и да нема никаква заштита. ССМ ќе биде рамо до рамо со работниците заедно во борбата за намалување на времетраењето на договорите за вработување на една година“, вели Димовски, претседател на ССМ. Тој вели дека ако сакаме да ги задржиме работниците во државата, треба веднаш ова најголемо зло по работничките права и по работничката егзистенција да се елиминира преку најбрзи измени на Законот за работните односи, за да не се доведеме во ситуација македонските работници, наместо да ја градат нашата, да градат некоја туѓа економија. Според информации на ССМ, голем број работодавачи ги немаат продолжено договорите за вработување на определено време на работниците, а тие сеуште им работат. Затоа ССМ ќе ги пријави сите работодавачи до надлежните инспекциски служби, со барање да постапат согласно Член 259, став(1) кој предвидува дека ако трудов инспектор зaтекне на работа кај работодавач лица со кои не е заснован работен однос, согласно закон и лицата не се пријавени во задолжително социјално осигурување, со решение ќе му нареди на работодавачот во рок од осум дена од денот на приемот на решението со затечените лица или други лица без јавен оглас да заснова работен однос на неопределено време и во наредните три месеци да не го намали вкупниот број на вработени. Од ССМ верлат дека на таков начин ќе ги оневозможат работодавачите во намерата да не ги продолжат Договорите за вработување на определено време. „Апелираме до работниците да не се потпишуваат на никакви нови Анекси или нови Договори за вработување, а сите кои сметаат дека нивниот Договор за вработување на определено време не е законски, да пријават во ССМ, а ние ќе се бориме со сите расположливи средства да ги заштитиме овие работници“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.


извор: фактор

29060043_2016680208590936_36926234558838