Германски експерт: Делта сојот е позаразен, но смртноста е помала

Се знае дека Делта варијантата се пренесува полесно, таа е веројатно околу 60 отсто позаразна, но во поглед на смртноста, таа е веројатно помалку опасна од други мутации на коронавирусот, смета генералниот секретар на Германското друштво за детска и младинска медицина, Буркарт Родек, пишува Дојче Веле.

Германскиот експерт ова го изјави денеска во Бундестагот каде се расправаше на тема училиштата и пандемијата. Родек истакна дека податоците се базираат на привремени сознанија од Велика Британија, каде Делта варијантата е широко распространета. Во однос на децата постојат само ограничени податоци, рече експертот, дополнувајќи:


„Досега не се регистрирани стационарни згрижувања на деца како последица од инфицирање со Делта вирусна варијанта“. Родек советува внимателен приод и избегнување на ширење алармирачки вести за Делта сојот во различни места во Германија, додека не се соберат доволно информации за фактичката опасност на мутацијата кај деца. Тој пледира и за вршење ПЦР тестови во школите како најсигурно средство за спречување на зараза меѓу учениците, кај кои болеста најчесто не се манифестира со симптоми.

Уделот на Делта варијантата на коронавирус во вкупната бројка на инфицирани врз основа на податоците на Институтот Роберт Кох во Германија изнесувал во средината на јуни преку една третина. Околу 36,5 проценти од населението, според Министерството за здравство, е целосно вакцинирано против коронавирус.


извор: фокус


29060043_2016680208590936_36926234558838