Започна продажбата на ТЕЦ Неготино, за 8,7 милиони денари се прави физибилити студија


Зелената агенда на Владата продолжува со изборот на друштвото за инженеринг и консалтинг Коленко, која за 8,7 милиони денари ќе треба да направи физибилити студија за продажба или за јавно-приватно партнерство за термоцентралата ТЕЦ Неготино.


Термоцентралата, според претходните најави, ќе се трансформира во гасна централа преку јавно – приватно партнерство или ќе се продаде. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови 100 мегавати зелена енергија, како што најави минатата година премиерот Зоран Заев.


Владата претходно најави дека десетина светски компании од енергетскиот сектор го посакуваат ТЕЦ Неготино, а една од нив е Џенерал Електрик. Централата, во сопственост на државата, која е ладна резерва за македонскиот енергетски систем, поради мазутот на кој работи не е во функција повеќе од 10 години.


Кој модел ќе се избере, ќе се одлучи кога ќе биде готова физибилити студијата. Термоелектраната близу Неготино има околу 200 вработени. Последен пат струја произвела пред 11 години, но според менаџментот, постројките континуирано се одржуваат. Електраната остварува приходи бидејќи има договор со МЕПСО и дава услуга „резервна моќност на електро енергетскиот систем во случај на недостиг на електрична енергија“.


Владата претходно објави дека за неколку државни загубари, но и за ТЕЦ Неготино се бара стратешки партнер. Минатата недела сопствениците на турската „Фортис енеџи“ и бугарскиот „Солар Про“ го потпишаа договорот со Владата и со АД ЕСМ за јавно-приватно партнерство, откако го добија тендерот за изградба на фотонапонска централа кај РЕК Осломеј.


Проценката е дека двете компании ќе инвестираат од 70 до 80 милиони евра како дел од енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија. Премиерот Заев рече дека станува збор за голем проект од 100 мегавати.


Мината недела австриската групација Ерсте Груп објави дека ќе инвестира 51 милион евра во ветерен парк кај Богословец, додека германската фирма „Впд“ соопшти дека ја известила Владата за планот да изгради парк со ветерници со моќност од дури 400 мегавати во близината на Куманово со поднесено барање за статус на стратешки проект што ќе му даде повластен третман.


gif

извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838