ИНФЛАЦИЈА: Цените се зголемиле за три отсто во периодот април – мај

Годишниот раст на цените во периодот април – мај 2021 година изнесува 2,9 проценти и е во согласност со очекувањата според априлските проекции на Народната банка, се вели во соопштението на Народна банка. – Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период е особено нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа, се додава во соопштението.

Oсновната каматна стапка да остане непроменета, на нивото од 1,25 отсто, со што монетарната политика и натаму има релаксиран карактер, било заклучено на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

– Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата, информираат од Народна банка.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9 проценти на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 што негативно влијаеше врз динамиката на економското закрепнување.

– Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Воедно, податоците за април покажуваат значително забрзување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија и индустриското производство, во поголем дел заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година, се вели во соопштението. Од Народна банка додаваат дека неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат.


извор: лидер

29060043_2016680208590936_36926234558838