Сеќавање на пријателството помеѓу Пандев и Арнаудов: Гоце иди, ми рече Горан, го ,,запалив” ...


Вчерашната видео снимка со нашата фудбалска репрезентација која пред настапот на ЕП во хотелот во Букурешт се забавува со песна од легендарниот Гоце Арнаудов ја расположи јавноста. Истовремено, го трогна и семејството Арнаудови, кои за ,,Фокус” раскажаа колку голем вљубеник во фудбалот бил Гоце, но и за неговата посебна врска со Горан Пандев, својот сограѓанин, со кого биле посебно блиски.


Што всушност значат песните на Арнаудов за Пандев, но и околу тоа колку блиски пријатели биле тие двајцата, пишувавме уште пред околу десет години, во едно последните интервјуа со фолк легендата, кој почина во 2011 година, по тешко боледување.


Само неколку месеци пред да почине, Арнаудов со нас сподели сеќавање на настан со Горан Пандев, кој се случил во 2010 година, кога во Мадрид, Шпанија се одржа натпреварот помеѓу Интер (каде играше Пандев) и Баерн Минхен.


-Освен што знаеше да ми каже дека сум му омилен пејач, Горан многу ме радуваше кога ќе ми речеше дека сум му еден вид на амајлија. Кога стануваше збор за потешки натпревари, знаеше да ми се јави и да ми каже да дојдам и да го бодрам од трибините, а мене тоа секогаш ми беше посебна чест.


-Гоце, ти си ми еден вид на амајлија, те молам ако можеш дојди на финалето, ми носиш среќа! –ми рече пред натпреварот во Мадрид, па иако бев преморен бидејќи се вратив од турнеја низ Америка, не можев да го одбијам.


Кога Пандев ми се јави и побара да го бодрам во Мадрид и да му држам среќа, без многу размислување прифатив. Бев преморен од настапите, од турнејата, но сепак јас за луѓето кои што ги сакам и кои што ми се вистински пријатели гинам.


Веднаш му кажав на син ми Оскар да се спреми, затоа што решив да заминеме во Мадрид со автомобил. И син ми многу се израдува, па набрзина се спакувавме, го ,,запаливме” автомобилот и тргнавме кон Шпанија.


Заедно со нас беа уште неколкумина наши пријатели, и нормално сите од се срце навиваме за нашиот Горан. Се испостави дека Пандев не за џабе мене ми вели дека сум му среќа на утакмиците. Во Мадрид, Интер го победи Баерн со резултат два спрема нула – ни раскажа музичарот во едно од своите последни интервјуа.


Тогаш тој појаснуваше дека уште на самите почетоци на кариерата на Пандев верувал во него и претчувствувал дека еден ден младиот струмичанец ќе стане голема фудбалска ѕвезда, па затоа секогаш кога бил слободен ги следел неговите игри.


-Многу сум почестен од тоа што Пандев за мене го има мислењето дека му носам среќа, и со задоволство ќе му давам поддршка се додека можам – се зборовите на Арнаудов, чии песни останаа да се слушаат зад него со генерации.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838