МАВРОВСКИ: Ковачевски вие сте избраниот за уништување на се она што е макотрпно направено со децении


Реакција во врска со прес конференцијата на Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски од 08.06.2021 год.

​Г-дине Ковачевски мислев дека со Вас приказната е завршена и дека повеќе нема потреба да Ви укажувам на грешките но Вие очигледно ништо не сте ме разбрале и продолжувате, во Ваш стил, најбрутално да го уништувате РЕК Битола и АД ЕСМ. Можеби несвесно, но Вие сте избраниот за уништување на се она што е макотрпно направено децении наназад. Дали воопшто чувствувате некава одговорност кон комбинатот кој Ви е доделен, незаслужено, да го раководите? Дали чувствувате одговорност кон градот Битола? Дали чувствувате одговорност кон вработените во РЕК Битола? Дали повторно наместо одговор ќе го употребите премногу изрекуваното „ЌЕ“?

​Прочитајте нешто од тоа што Ви е предходно укажувано, дека прво и основно е да е направен социјалниот пакет за вработените, да е чист и јасен, да е достапен и јавно презентиран на јавноста и пред сé на вработените. Вас очигледно „мува не Ве лази“ и понатаму примате и вработувате огромен број Ваши послушници , но малку стручни за тековното работење а уште помалку за она што го очекува комбинатот, резултатите од таквото работење се видливи и опишани со еден збор се катастрофални. Се расфрлате со милијарди евра, кои како да треба само да ги подигнете од некаде, но заборавате дека народот ќе треба да ги враќа сите кредити кои Вие безмилосно ги трошите без ефект.

​Колку само убаво звучи Вашата последна реченица дека од 2021 – 2027 година Вие заедно со Вашата влада во фотоволтаици , ветерни електрани (ветерници), хидро електрани и останати инвестиции „ЌЕ“ вложите 8 милјарди и 175 милиони евра. Вистината за Вас и Вашите „ЌЕ“ инвестиции ја покажавте во претходните четири години во кои ветувавте како и сега милијарди евра во енергетскиот сектор, отворање на нов рудник Живојно за ископ на јаглен веќе до година, ХЕ Чебрен - Галиште само што не почнал да работи и многу други небулози зад кои стоевте. Сега отворате нова книга од зелени лаги во која жртви ќе бидат повторно граѓаните на Република Македонија кои ќе треба да платат за сите Ваши лаги.

​Вашата прва помпезна искажана реченица е: „ниту еден нема да остане на улица“, а не кажувате каде ќе одат тие вработени. Дома? Во странство не ќе можат бидејќи ќе бидат стари за работа. Ветувате дека ќе ги превземат некои приватни компании во градот а заборавате или поточно не знаете дека скоро сите или 70% од нив живеат од РЕК Битола, посредно со некоја изработка за РЕК или непосредно од платите кои ги земаат вработените во РЕК Битола и ги трошат во битолското стопанство. Дали знаете како е во Велес по затворањето на топилница, чорба и стрижење по 50 денари, но нема никој да влезе. Тоа ја очекува Битола а не црвени рози и 8 милјарди евра инвестиции, застанете, полека бидете реални и лагите некогаш се балансираат ама Вашето нема крај, катастрофа.

​За вработените ќе треба уште многу за објективна информација која ја нема, се надевате дека ЌЕ нема социјални проблеми а за тоа ЌЕ се погрижи АД ЕСМ, државата и Европската унија. Сега треба да Ви веруваме, НЕ, нема ниту една причина за верба, резултатите се видливи, од сите ветувања и реализации од сите претходно наведени субјекти.

​На пресот уште еднаш ги повторивте „големи ветувања“, Гасна електрана која сега се зголеми од 200 MW па стана 200 + 200 MW, нека има, ветувањата (лагите) што поголеми тоа „поверодостојни“. Понатаму зеленото сценарио кое му го нудите на граѓаните на Битола и Република Македонија, за кое кажувате дека ќе го имаме за многу ефтини пари, но јас уште еднаш ќе Ви повторам како професионалец дека за тоа требаат многу пари и инвестиции во енергетскиот сектор. Додека Вие лажете на прес конференции вработените во рудникот се борат со машините за некакво производство, со ремонтите, фирмите без договор... а резултатите да повторам уште еднаш се катастрофални.

​На крај ќе Ве замолам, г-дине Ковачевски, да го известете Вашиот ментор дека во моментот почнува да се гради термоелектрана на јаглен во срцето на Европа во Германија, Вестфален, во соседна Полска се водат војни во врска со затворањето на ТЕ во Турнов. Вие и Вашиот ментор прифаќате се, без да помислите како ќе ја балансирате енергијата во системот со Вашата идна зелена енергија, не само што не Ви е јасно но и не Ве интересира. Не само во Европа туку и нашите соседи ја водат истата борба ама знајте дека ние сме далеку и од Европската унија а уште повеќе од зеленото сценарио и сите решенија за енергетскиот сектор.

​Г-дине Ковачевски размислувајте пред да ги прочитате нештата што Ви ги пишуваат, има и утре, а одговорноста е Ваша и само Ваша.

м-р Спиро Мавровски дипл.ел.инж Член на комисија за енергетика при ВМРО ДПМНЕ


29060043_2016680208590936_36926234558838