Канада го запре вакцинирањето со „Астра Зенека“ за лица под 55 години

Националниот советодавен комитет за имунизација на Канада вчера препорача вакцината „Астра Зенека“ против ковид -19 да не се користи кај лица под 55 години, додека не се заврши испитувањето на ретки случаи на сериозни згрутчување на крвта по вакцинацијата, се вели во соопштението од Комитетот.


Ретките случаи на сериозни згрутчување на крвта, познати како протромботична имунолошка тромбоцитопенија предизвикана од вакцини, неодамна се пријавени во Европа по употребата на вакцината „Астра Зенека“, првенствено кај жени на возраст под 55 години.


Според канадскиот комитет за вакцини, стапката на оваа несакана реакција треба да се потврди и информациите се собираат за да се проверат.


Како мерка на претпазливост, додека се спроведува анализата на ризик наспроти корист заснована на нови податоци, комитетот препорачува вакцината да не им се дава на лица под 55 години.


Но, Комитетот смета дека процесот на вакцинација нема да претрпи забавување, поради тоа што вакцината „Астра Зенека“ е застапена со само мал дел во контингентот вакцини против ковид-19 што се користат во Канада.


Канада пријави речиси 970 000 случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата и повеќе од 22 000 смртни случаи.


Вакцината на „Астра Зенека“ од почетокот наиде на неколку препреки од нејзининото тестирање до аплицирањето. Прво, кај двајца волонтери беа регистрирани невролошки симптоми минатата есен, за потоа, по почетокот на имунизацијата, неколку европски земји да ја запрат нејзината упоитреба поради случаи на згрутчување на крвта.


Европската агенција за лекови соопшти дека нема докази дека вакцината може да предизвика згрутчување на крвта.


Според извршниот директор на агенцијата Емер Кук, пред неколку недели агенцијата „дошла до јасен научен заклучок дека ова е безбедна и ефикасна вакцина“.


Кук рече дека групата не открила дека вакцината предизвикува згрутчување, иако не може да се исклучи конечната поврзаност со ретко нарушување на коагулацијата на крвта, од кои се пријавени седум случаи од дадени неколку милиони дози.


Сепак, заклучокот на ЕМА е дека придобивките од употребата на вакцината го надминуваат ризикот.


Повеќе од десетина европски земји ја запреа употребата на вакцината, и не ја укинаа забраната, додека не спроведат свои истражувања.Светската здравствена организација исто така соопшти дека нема никаква поврзаност меѓу вакцината и вообичаени нарушувања на коагулацијата.



извор: fokus.mk

29060043_2016680208590936_36926234558838