ФОКУС: Најави за предизборна коалиција меѓу ДУИ и СДСМ

Соработката со СДСМ е одлична и не е исклучена можност за коалицирање за локалните избори наесен, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

-Треба да видиме какви се интересите. Не знам. Да видиме кои и какви се интересите на граѓаните, пред се, на ДУИ, на СДСМ. Мој став е дека со СДСМ функционираме одлично во изминатите четири години од кога сме во Влада со нив и вреди да се размисли за коалиција. Но, сеедно, ние ќе настапиме со сопствена листа на советници, без оглед дали ќе одиме заедно или посебно – рече Ахмети на ТВ 21. Откако ДУИ порача дека етничките прашања се затворени и дека се трансформира во зелена партија со фокус на екологијата и економијата, многумина аналитичари оценија дека тоа, меѓу другото, е во функција на поцврста соработка со СДСМ. Според Џелал Незири, трансформацијата на ДУИ е вовед во посуштинска коалиција со СДСМ.

-Ова е еден вид на трасирање на пат низ кој ќе се движи ДУИ во следните 20 години. Ова беше многу порано најавено, дека ДУИ ќе почне да се реформира кадровски за следните две декади, потоа доаѓаа информации дека ДУИ размислува да се реформира и концептуално, но искрено никој не очекуваше дека ДУИ, со еден познат бекграунд, од една герила која во 2001 година учестуваше во конфликт, па потоа се реформираше во политичка партија со етничка агенда пред себе, на крај да се реформира во една зелена партија која во сржта е ненасилна и мировна партија – рече Незири на Утрински брифинг. Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев неодамна изјави дека остава можност за коалицирање со сите останати партии за локалните избори, но, како што истакна, таквите соработки ќе зависат и од личностите што ќе бидат кандидати за градоначалници и советници.

-Јас како претседател на СДСМ разговарам со тројцата претседатели од албанските партии, кои се дел од владината гарнитура, но можеме да разговараме и со останатите. Некаде локалните избори се избори на личности и партиите немаат големо влијание, самата личност за градоначалник и за советник е многу важна и од нив ќе зависи дали ќе се прифатат коалициите – порача Заев.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838