РЕГИСТАРСКИ ТАБЛИЧКИ НЕМА НИКАДЕ, СПАСОВСКИ УПОРНО ТВРДИ ДЕКА ИМА

Регистарски таблички нема никаде во државата веќе со месеци, иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упорно тврди дека проблемот е надминат и таблички има.


По вчерашната изјава на Спасовски дека проблемот со табличките е надминат, САКАМДАКАЖАМ.МК утринава провери на лице место во неколку станици за технички преглед во Скопје и околината и секаде доби ист одговор: „таблички нема и не знаеме кога ќе дојдат“. Иста е ситуацијата низ републиката.


„Регистарските таблички пристигнуваат во континуитет и граѓаните врз основа на потребите може да си бараат и да ги подигнуваат. Имавме проблем од аспект на јавните набавки, такви се законските прописи, но тој проблем е надминат и стигнуваат на дневна основа регистарски таблички“, изјави вчера Спасовски.


Во реалноста, граѓани се јавуваат секојдневно во редакцијата и тврдат дека поради тоа што со недели нема таблички, ги паркирале автомобилите дома и не можат да ги возат.


МВР на 29 април се пофали дека стигнале регистарските таблички откако повеќе од еден месец имаше недостиг во станиците за регистрација. Тогаш, од МВР рекоа дека имало мал застој во издавањето на регистарските таблички во неколку градови бидејќи се избирала нова фирма, но дека тендерот е завршен и договорот е склучен.


„Проблемот е веќе надминат и таблички се испорачани по градови, односно граѓаните можат да добијат регистарски таблички“, рекоа од МВР пред повеќе од месец дена.


Тендерот за изработка на регистарски таблички го доби фирмата „Квантум ДООЕЛ“ од Скопје. Договорот е склучен за три месеци, а вредноста е 182.000 евра.


Но, продолжија поплаките од граѓаните дека не можат да ги возат новите возила кои ги купиле, бидејќи нема регистарски таблички. Читател на САКАМДАКАЖАМ.МК од Прилеп кој ја контактираше нашата редакција бидејќи вчера не можел да го регистрира новиот автомобил оти немало регистарски таблички и му било кажано дека може само да му дадат потврда за извршен технички преглед, со која ќе може да вози низ Прилеп, но да не излегува надвор од градот.


Во скопските станици за технички преглед кои ги посети САКАМДАКАЖАМ.МК, со чудење реагираа на нашето прашање за регистарски таблички.


„Што прашуваш па ти, какви таблици, нема никаде во државата таблици. Имаше по портали, телевизии, џабе. Немаме никаква најава, не знаеме кога ќе има“, ни одговори вработен во станица за технички преглед.


Вчера, во врска со недостигот на регистaрски таблички реагираа и од компанијата „Раде Кончар – Контактори и Релеи ДОО“, кои претходно го снабдуваа МВР со регистарски таблички. Оттаму велат дека постапката за набавка на регистaрски таблички трае повеќе од 9 месеци, а причината лежи во честите измени во тендерската документација кои што ги објавуваше Министерството за внатрешни работи како и пропустите при водење на постапката.


Нивната понуда била отфрлена при двете досегашни евалуации како неприфатлива, заради технички грешки во понудата. Од „Раде Кончар – Контактори и Релеи ДОО“ тврдат дека фирмите на кои што им било овозможено да учествуваат на електронска аукција не располагаат со сертификат од Меѓународно акредитирана лабораторија, кој потврдува дека регистарската табличка е во целост усогласена со меѓународните стандарди.


Тие поднеле жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, која ја увидела оваа околност и дала насоки на договорниот орган дека при вршење на повторна евалуација на понудите е потребно да изврши правилна евалуација, која ќе биде во согласност со барањата и условите наведени во тендерската документација.


„Од наша страна вложена е повторно жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки и се надеваме дека истата ќе постапи во согласност со нашата пријава и ќе ги уочи сторените неправилности и ќе спречи настанување на ненадоместлива штета, односно испорака на неквалитетни регистарски таблици, меѓународно непризнаени, во крајна линија неиспорака на регистарските таблици и доведување во прашање на стекнатиот меѓународен углед на Република Северна Македонија. Во моментов, доведено е во прашање и нормалното пуштање во сообраќај на моторни возила, нормалното функционирање на сообраќајот и функционирањето на многубројните дејности“, велат од „Раде Кончар – Контактори и Релеи ДОО“ и додаваат дека и покрај недостатокот на регистарски таблички повеќе од пет месеци во земјата, не гледаат никаква реакција од надлежните институции и изненадени се од небрежноста на релевантните фактори.



извор: сдк

29060043_2016680208590936_36926234558838