Саша Ќириќ за „Фокус“: Од глава ќе им се удри на тие кои ќе не „отпишат“ на ЕП!


Македонија полека одбројува до ЕП, а нашата селекција го има својот прв настап на 13 јуни против репрезентацијата на Австрија. Осоколени од добрите прикажани игри на двата пријателски натпревари, македонската фудбалска репрезентација ќе се обиде да остави позитивен впечаток на ова натпреварување.


Саша Ќириќ е еден од поранешните репрезентативци на Македонија, носејќи го националниот дрес од 1995 до 2004-та година. Неговите очекувања се дека нашите фудбалери нема да разочараат со настапот на Европското првенство.

„Ова е огромен успех за целиот македонски фудбал и сите сме горди што успеавме да се пласираме во завршницата на едно големо натпреварување. Игрите прикажани во квалификациите на Лигата на нации, но и на мартовските квалификации за СП ми даваат надеж дека моите очекувања ќе бидат надминати. Имаме група по „мерка“ и со два противника можеме рамноправно да се носиме. Со фаворитот Холандија одиме на изненадување. Првиот меч со Австрија е најважен и би сакал да излеземе непоразени, па макар и со бод. Нашата шанса ќе ја бараме во нивната спора одбрана и со убиствени контри да извлечеме позитивен резултат. Украина е цврста и хомогена репрезентација, а ние мора да ги искористиме укажаните шанси. Ако во првите два меча одиграме како што се надевам, тогаш во дуелот со Холандија можеме да влеземе сосема растеретено“, го започна разговорот Ќириќ.


Македонија е аутсајдер на ова натпреварување, но според нашиот соговорник, токму тој момент може многу да ги чини нашите противници.

„Сите не сметаат за аутсајдер и мислат дека лесно можат да дојдат до бодови против нас. Но, вистината лежи на зелениот терен, а ние таму имаме што да покажеме. Очекувам најголемиот терет да го понесат средниот ред и одбраната“, додава тој.


Ќириќ беше дел од репрезентацијата во средината на 90-те години, но потенцира – оваа генерација е нешто најдобро што го имал репрезентативниот фудбал во својата историја.


„Кога играв јас, ФФМ ни обезбеди најдобри услови во рамките на своите можности. Можеме да се пофалиме денеска дека сето она што федерацијата им го обезбедува на репрезентативците е на исто рамниште со условите кои ги имаат помоќните федерации. Неколку генерации биле блиску до целта, но не се успевало. Оваа генерација дефинитивно поседува квалитет и може да се каже дека е една од најдобрите. Сепак, не треба да се заборави што за оваа репрезентација имаат дадено Најдоски, Канатларовски, Шаќири, Седлоски, Мицевски итн. Новото натпреварување Лига на нации ни ја отвори вратата, а маестро Пандев со неговите соиграчи, успеаја да ја зграпчат шансата. Капа долу момци“, посочува некогашниот фудбалер.


Пандев е лидер на оваа репрезентација, кој повторно се врати во 2015 година, кога токму селекторот Ангеловски замина во Џенова да го убеди популарниот Гоче повторно да го облече репрезентативниот дрес. Без него, се ќе беше поразлично.


„Вакво нешто немаше да биде можно без Пандев. Кога тој не играше, се виде дека ни недостасуваше лидер на теренот. Покрај него, сите го подигнаа квалитетот на играта на повисоко ниво. Тој е лидер, мотиватор, икона. Се надевам дека ќе најде сили да издржи барем до крајот на новите квалификации за Светско првенство да игра“, смета Ќириќ.

Пред неколку дена на „нож“ беше пречекана веста дека претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини му забранил на премиерот Зоран Заев да ги испрати фудбалерите на ЕП. Ќириќ смета дека во овие моменти, не треба да се оптеретуваме со такви работи, со надеж дека Владата ќе најде начин како да го реши тој проблем.


„Кога ќе се размисли подлабоко, можеби треба да се биде крајно претпазлив во оваа корона-ситуација и секој ризик да се сведе на минимум. Погледнете што се случи со Енис Барди, кој поради тестот може да трпи одредени последици за време на ЕП. Веројатно постои некој сигурен начин со кој нашата Влада ќе им посака среќен пат и успех на репрезентацијата. Во овој момент не треба да се оптеретуваме со тоа и да го одвлекуваме вниманието на репрезентативците. Играчите знаат што треба да прават, а ние треба да ги испратиме со верба и надеж и дека ќе бидеме горди навивачи без разлика на крајниот резултат“, го заврши разговорот Ќириќ.


Македонската селекција деновиве ќе тренира во Скопје, а на 8 јуни заминува во Букурешт, каде ќе продолжи во својата тренинг-база се до мечот со Австрија.


Фото – Сител ТВ, приватна архива на Саша Ќириќ

извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838