Никој нема да одговара за бегството на Мијалков, одлучи Обвинителството

Од Обвинителството информираат дека нема да се бара кривична одговорност за бегството на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.


Во продолжение образложението на Обвинителството:


„Јавниот обвинител кој постапуваше во предистражната постапка отворена по повод недостапноста на обвинетиот С.М. при обид да му се врачи решение за куќен притвор, утврди дека нема место за јавнообвинителска одлука од причина што не е утврдено постоење на кривично дело што се гони по службена должност.


Во рамки на предистражната постапка беа преземени поголем број на истражни дејствија. Обезбедени се безбедносните камери од повеќе локации, прибавени листинзи за реализирани телефонски комуникации за вкупно 54 телефонски броеви од интерес, беа сослушани вкупно 37 лица, меѓу кои и министрите за правда и внатрешни работи, директорите на АНБ и БЈБ, премиерот, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и претседателот на Основниот кривичниот суд Скопје.


Извршени се и полициски разговори со дополнителни 20 лица за кои се сочинети службени материјали. Во постапката беа обезбедени докази и податоци од различни правни лица. За потребите на предистрагата, беше извршена анализа на вкупно 18 одземени телефони и на одземени уреди за видеонадзор, беа извршени две вештачења и беа обезбедени службени материјали за постапувањето на сите инволвирани органи.


Имено, неспорно е дека обидот за врачување на решението за куќен притвор на обвинетиот С.М. од Основниот кривичен суд Скопје од 21.02.2021 година останал безуспешен и дека во периодот од 21.02.2021 обвинетиот и покрај преземените дејствија за негово лоцирање бил недостапен за органите на прогонот, се до 16:55 часот на 23.02 2021 година, кога доброволно се пријавил во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Оттука, главното прашање на кое беше фокусирана предистражната постапка беше – каде бил обвинетиот во периодот кога бил недостапен на органите на прогонот и дали во овој период имал помош од одредени лица за истиот да остане сокриен.


Во оваа насока прибраните докази упатуваат дека обвинетиот бил во својот дом се до доаѓањето на полициските службеници. Оваа констатација е потврдена со снимките од видео надзорот од хотел Мериот, службената евиденција на ЕСНД која упатува дека обвинетиот на 21.02.2021 година околу 15 часот стасал во својот дом, исказите на лицата кои работеле како негово лично обезбедување и исказот на сопругата на обвинетиот.


Воедно, прибраните докази потврдуваат дека телефонот кој го користел обвинетиот зрачел на базната станица која го покрива неговиот дом.


Јавниот обвинител утврди дека географската поставеност на теренот на улицата каде се наоѓа домот на обвинетиот, доведена во корелација со просторот кој бил обезбедуван од службите на МВР, како и времето на обезбедување од моментот на обидот за доставување на судското решение до времето на проверка на домот од службените лица, овозможувала тој незабележано да излезе од својот дом. Имено, беа прегледани видео записите од камерите поставени во домот на обвинетиот, камерите од околните објекти, хотели, јавни претпријатија, камерите од Сејф Сити за движење на возилата кои беа предмет на интерес.


Притоа не е забележан обвинетиот како се одалечува од својот дом. Сепак, од доказите обезбедени во предистражната постапка како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение. Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот , до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти.


Во оваа насока јавниот обвинител изврши проверки во насока на постоење на евентуална логистичка или друга поддршка во однос на оддалечување од домот на обвинетиот и во однос на неговата недостапност на органите на прогонот. Притоа беа сослушани членовите на неговото семејство, како и членовите на неговото обезбедување, а од страна на полицијата привремено биле одземени и телефонските уреди кои ги користеле овие лица.


Сите овие дејствија беа преземени во насока на утврдување на околноста дали овие лица му пружиле помош на обвинетиот. Од анализите на одземените телефони, за кои беа обезбедени и листинзи, како и од анализата на листинзите, не беа утврдени податоци и информации кои се од значење за кривичната постапка, односно не беше пронајдено постоење на докази дека било кое од овие лица на било каков начин му помогнало на обвинетиот да остане недостапен на органите на прогонот.


Предистражната постапка се осврна и на околноста дали на С.М. му била соопштена информација дека за него е поднесено барање за определување на мерка притвор, пред полициските службеници да направат обид за достава на решението за определување куќен притвор. Во оваа насока беа направени проверки на комуникациите на сите лица кои конретниот ден имале допир со информацијата дека ќе биде баран притвор за обвинетиот.


Со извршената анализа на овие листинзи не се утврдени сомнителни комуникации реализирани помеѓу лицата кои биле предмет на проверки и лица кои се блиски со обвинетиот или лица кои би можеле да ја спроведат информацијата до обвинетиот.


Имајќи ја предвид околноста дека телефонот на С.М. се гаси во моментот кога на врата доаѓаат полициските службеници и до тој момент телефонот зрачи на базната станица која го покрива неговиот дом, околноста што обвинетиот бил под полициска присмотра во тоа време и не бил забележан како го напушта домот, како и околноста дека е поминат извесен временски период од доаѓање на полициските службеници пред домот на обвинетиот до нивно влегување во домот, во кој временски простор обвинетиот можел непречено да се оддалечи од домот, јавниот обвинител најде дека во конкретниот случај веројатноста дека на С.М. му е соопштена информацијата дека против него се бара мерка притвор е многу мала.


Во текот на предистражната постапка, јавниот обвинител констатира слабости во меѓу институционалната и интерната комуникација на надлежните институции, но во оваа насока, јавниот обвинител смета дека ваквите дејствија немаат кривично-правна импликација од причина што недостасува кривично-правна последица. Имено, иако обвинетиот бил недостапен на органите за прогон, сепак самиот доброволно се пријавил. Со тоа отпаднал кривично правниот елемент на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување или Несовесно работење во службата, а тоа е прибавувањето на некаква корист за друг или нанесувањето на штета, односно недостасува последицата неопходна за постоење на кривично-правна одговорност кај службените лица кои преземале службени дејствија„, појаснуваат од Обвинителството.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838