АРХИВА: Како „СВ-Инвест“ падна во стечај после триесетина тендери со РЕК Битола?

Битолската компанија „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски стана актуелна во јавноста откако почна да соработува со РЕК Битола, така што во периодот од 2018 година досега добила триесетина тендери. Но, оваа компанија деновиве повторно влезе во фокусот на јавноста, откако опозицијата обвини дека власта вршела притисок врз друштвото „Рубитон“ да отстапи дел од работата во битолскиот рударско-енергетски комбинат токму во корист на „СВ-Инвест“. Притоа, денес се отвори темата и за стечајот на „СВ-Инвест“, за што веќе пишуваше неделникот Фокус.


Текстот е објавен на 06 мај 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1335.


ПРВИТЕ ТЕНДЕРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Според Централниот регистар, „СВ-Инвест“ е основана во 2011 година како компанија за трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, додека во 2019 година ја менува дејноста во – подготвителни работи на градилиште. Од почетокот до денес, сопственик на компанијата е Стојан Чифлигароски, кој бил и управител сѐ до 2019 година.

Податоците од Бирото за јавни набавки, пак, покажуваат дека компанијата првиот тендер го добила на почетокот на 2018 година, или половина година откако на средината на претходната 2017 година републичкото Собрание ја избра старо-новата влада. Затоа, покрај другото, опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше оваа компанија за блискост до власта на СДСМ.

Настрана меѓупартиските обвинувања, официјалните информации говорат дека првиот договор за јавна набавка „СВ-Инвест“ го склучи во март 2018 година за ангажирање помошна работна рака за технолошко чистење на БТО-системите за рудниците во рамки на РЕК „Битола“, во износ од 21,2 милиони денари. Притоа, овој договор е склучен по пат на преговори, без претходно објавување оглас.

До крајот на оваа 2018 година, двете страни склучиле уште 3 договори во иста постапка по пат на преговори без претходно објавување оглас, во вкупна вредност изнесува над 93 милиони денари. Во следните години продолжува соработката меѓу АД ЕСМ/ЕЛЕМ и „СВ-Инвест“, меѓутоа овојпат договорите ги склучуваат во таканаречена отворена постапка.


Сепак, во овој период се склучуваат и повисоки договори, со тоа што најголемиот е оној од крајот на ланската 2020 година за технолошко чистење на БТО-системите во вредност од 59 милиони денари.

Во овој период, растат приходите, добивката и бројот на вработени на друштвото. Ако компанијата во 2017 година имала приходи од 387 милиони денари, профит од 44 милиони денари и само двајца вработени, во 2019 година приходите достигнале 635 милиони денари, профитот 155 милиони денари, а бројот на вработени – 280. Но, пораснале и обврските од 328 милиони денари во 2017 на 700 милиони денари во 2019 година.

Инаку, „СВ-Инвест“ во март оваа 2021 година доби негативна референца, бидејќи компанијата не потпишала договорот за јавна набавка, откако претходно била избрана за најповолен понудувач. Како што нѐ информираа од Бирото за јавни набавки, забраната ја изрекол АД ЕСМ, но од таму не располагаат со информација за која конкретно тендерска станува збор.

ЗАПЛЕНА НА УДЕЛОТ НА ФИРМАТА-ЌЕРКА

Ниту од АД ЕСМ не добивме одговор која јавна набавка морале да ја поништат, зашто избраниот понудувач одбил да го склучи договорот. Арно ама, од самата компанија ни посочија дека забраната е издадена бидејќи не биле во можност да обезбедат банкарска гаранција за потпишување на договор за антикорозивна заштита на челични конструкции. Притоа, од „СВ-Инвест“потенцираат дека сите предходно склучени договори се во целост реализирани.

Како и да е, во истиот месец кога е изречена негативната референца за „СВ-Инвест“, битолскиот основен суд закажа рочиште за испитување на условите за отворање стечајна постапка за компанијата. На рочиштето одржано на крајот на март се назначи Коле Волчевски за привремен стечаен управник, со задолжение, стои во судското решение, да го заштити имотот на должникот и да дава согласност на органите на управување при работењето.

Така, на новото рочиште судот го усвои предлогот за отворање стечајна постапка, кој, според информациите до кои дојдовме, првично бил поднесен од „Градба Инвест“ за побарување од 16,5 милиони денари. Воедно, судот ги повика сите доверители во рок од 15 дена да ги пријават своите побарувања кај стечајниот управник, што се уште е во тек. Па, на следното испитно и извештајно рочиште закажано во јуни, судот треба да ги прифати или отфрли барањата на доверителите.

Пред да се иницира стечај за „СВ-Инвест“, поради долг на оваа компанија кон НЛБ „Тутунска банка“, со налог на извршителот Никола Иванов, се изврши и заплена на уделот во нејзината фирма-ќерка – финансиското друштво „ДП“. Станува збор за побарување кон „СВ-Инвест“ во износ од 29,4 милиони денари, поради кој се запленува уделот во финансиското друштво во износ од 6,2 милиони денари.

Она што е интересно во однос на финансиското друштво, тоа остваруваше големи приходи и речиси никакви расходи. Од 2017 кон 2018 година, приходите на „ДП“ пораснале од 2,8 на 50 милиони денари, за во 2019 година да паднат на 43 милиони денари. Меѓутоа, расходите изнесувале 621 илјади денари во 2018, односно 1,9 милиони денари во 2019 година, што значи дека во двете години била направена позитива од 45, односно 37 милиони денари. Во исто време со „СВ-Инвест“, стечајна постапка е иницирана за уште една битолска компанија. Тоа е друштвото за неспецијализирана трговија на големо формирано во 2013 година – „Битексимо-Ком“, кое е регистрирано на иста адреса како и „СВ-Инвест“.


Моментално, „Битексимо-Ком“ е во сопственост на Николче Поповски, но историјатот на промени покажува дека до средината на 2020 година, сопственик бил неговиот баџанак Стојан Чифлигароски.

ФИРМИ, БАНКИ, УЈП НА ЛИСТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИ

Во објавите во Службен весник поврзани со стечајната постапка за „Битексимо-Ком“ наведени се компаниите што го предлагаат стечајот. Меѓу нив се „ЈС Треид Груп“ од Струмица, „Пасаш Транс“ од Битола и уште една добропозната битолска компанија – „Пелистер“ на бизнисменот Силјан Мицевски, која, исто така, добиваше многу големи тендери за изнајмување механизација за ископ на јаглен во РЕК „Битола“.

Како што се наведува во образложението на решението на судот, тие имале побарувања кон должникот, кои не можеле да ги наплатат бидејќи повеќе од 45 дена имал блокирана сметка. Патем, на рочиштето се утврдило дека „Битексимо-Ком“ поседувало движен и недвижен имот, плус имал побарувања од негови должници, поради што е отворена стечајна постапка и за јуни е закажано испитното рочиште за утврдување на доверителите и нивните побарувања.

Од „Пелистер“ на Мицевски официјално одбиваат да коментираат за стечајната постапка на „Битексимо-Ком“, но нашите сознанијата говорат дека оваа компанија има најголемо побарување кон „СВ-Инвест“. Неофицијално, се работи за главен долг поголем од скоро 212 милиони денари, кој впрочем не е направен кон градежната компанија „Пелистер“, туку кон финансиското друштво во негова сопственост со ист назив.

Како што посочуваат од таму, тие се единствен легален иницијатор на стечајот, меѓутоа судот отворил стечај порано по барање на друг помал доверител, иако, истакнуваат од таму, самиот суд констатирал дека не поминале законски потребните 45 дена од блокирана сметка. Според нив, овој чин може да проблематизира многу правни дејства поради незапазување на роковите, меѓутоа оставаат текот на постапката да покаже дали ќе се остварат нивните стравувања.

Стечајниот управник Волчевски, кој е избран од судот на предлог на иницијалниот доверител „Градба Инвест“, ни изјави дека досега 7 субјекти пријавиле побарувања кон „СВ-Инвест“, меѓу кои има повеќе банки. Но, на листата на доверители по се изгледа ќе се најде и УЈП, која потврдува дека извршила контроли во фирмата, меѓутоа одбива да изнесе наводи од контролите, повикувајќи се на даночна тајна.

Сопственикот на „СВ-Инвест“ Чифлигароски, пак, посочува дека „СВ-Инвест“ има обврски, но располага и со значителен имот. Тој открива дека компанијата поседува земјиште во вредност од 195,7 милиони денари, градежни објекти од 9.8 милиони денари, погонски и канцелариски средства од 94 милиони денари, побарувања од купувачи во износ од 661 милиони денари… Наспроти тоа, друштвото има обврски кон добавувачи и банки од 971 милиони денари.

АД ЕСМ има активен договор „СВ-Инвест“

КОНТАКТИРАМЕ ПРЕКУ СТЕЧАЈНИОТ УПРАВНИК, ТУКА Е И БАНКАРСКАТА ГАРАНЦИЈА

Во моментов, „СВ-Инвест“ има еден активен договор со АД ЕСМ, не информираа од државната компанија за производство на струја, посочувајќи дека сите контакти со компанијата ги остваруваат преку стечајниот управник Коле Волчевски.

Од почетокот на стечајната постапка во фирмата „СВ-Инвест“, АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола сите контакти поврзани со овој договор ги остварува преку стечајниот управник од каде добивме уверување дека фирмата ќе ги испочитување обврските предвидени во договорот. Во спротивно, на располагање на АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола и стои правниот механизам банкарска гаранција со цел заштита на сопствените интереси“, велат од АД ЕСМ.

УЈП потврдува, ВО „СВ-ИНВЕСТ“ И „БИТЕКСИМО-КОМ“ СЕ ИЗВРШЕНИ КОНТРОЛИ, НО ИСХОДОТ Е ДАНОЧНА ТАЈНА

До Управата за јавни приходи упативме прашања дали имаат побарувања кон компаниите „СВ-Инвест“ и „Битексимо-Ком“, за колкави побарувања станува збор и дали веќе се пријавени во стечајната постапка? Но, од таму ни изјавија дека бараните податоци претставуваат даночна тајна. Сепак, ни потврдија дека во двата субјекти се извршени контроли.

За исходот од извршените контроли не може да ве информираме од причина што согласно член 9 став 1 од Законот за даночна постапка, службените лица на УЈП се должни како даночна тајна да ги чуваат сите документи, информации, податоци и други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночната, прекршочната или судската постапка. Согласно член 9 став 3 од истиот закон, обврската за чување даночна тајна не е повредена, ако документ, факт или податок се изнесе во текот на даночната, прекршочната или судската постапка или, пак, одреден документ, факт или податок се изнесе со писмена согласност на даночниот обврзник“, велат од УЈП за „Фокус“. Стојан Чифлигароски, сопственик на „СВ-Инвест“

СТЕЧАЈОТ НЕ ЗНАЧИ НУЖНА ЛИКВИДАЦИЈА, ПОСТОИ ОПЦИЈА ЗА РЕОРГАНИЗАЦИЈА

Отварањето на стечајна постапка не значи и нужно ликвидирање на друштвото, туку, согласно Законот за стечај, предвидена е и можност за предлагање и усвојување на план за реорганизација, вели за Фокус Стојан Чифлигароски, сопственик на „СВ-Инвест“.

Предходната година, како и за многу други компании, така и за нас, беше тешка година. Резултираше со многу падови, но нашето раководство правеше напори да ги балансира проблемите. Нераскинувањето на работниот однос на нашите вработени лица беше ставен како план број еден. Ненаплативоста на побарувањата навремено од нашите клиенти не насочи кон потребата од зголемување на нашата кредитна изложеност. Веќе претходно склучените договори мораа да се дореализираат, а сето тоа предвидуваше и големи трошоци: набавка на гориво за расположивата механизација, сервисирање, исплатата на личен доход и придонеси за вработените чиј број во текот на целата 2020 година варираше и се движеше од 200 до 300 лица – вели Чифлигароски.

И покрај наведените проблеми и предизвици, додава тој, „СВ-Инвест“ во предстечајниот период успеал да намири дел од обврските кон некои банки за 75 проценти од претходно утврдената изложеност, а, како што нагласува, се направиле големи напори вработените да се згрижат во блиски и пријателски компании со исти или слични дејности.


извор: фокус


29060043_2016680208590936_36926234558838