Ова е кpaјот? – Во Македонија се формира партија која ветува федерализација


Повторно барање за федерализација на Македонија во која Албанците ќе бидат конститутивен народ се најавува преку формирање на политичката партија „Република Илирида“. Потписите за новиот политички субјект се речиси собрани, по што ќе следи обид за регистрација на партијата.

Најавата е дека новата партија доколку биде регистрирана ќе учествува на парламентарните избори кога и да се одржат тие, а ветувањето е дека ако победат ќе почне процесот на федерализација на државата. Но правни експерти за Плусинфо велат дека партија која во својата основна програмска определба најавува федерализација на Македонија, не може да биде регистрирана бидејќи тоа е противуставно.

Викендов на трибина во Тетово на тема „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“ претседателот на Движењето „Република Илирида“, Неџат Беџети, изјавил дека треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи се население со компактно распространување и голем демографски број. Според него, меѓународните норми, Повелбата на Обединетите Нации и документите на Хелсинки им даваат право да имаат автономно владеење и да ја формираат „Република Илирида“, која, според него, е израз на волјата на граѓаните – Албанци, извести ТВ Клан.

Впечатливо е дека на трибината учествувале Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на референдумот на Албанците од 1992 година.

Халили во разговор за Плусинфо вели дека идејата е Албанците да бидат рамноправни со Македонците, а дека тоа може да се постигне само преку федерализација на државата каде Албанците ќе бидат конститутивен народ.

– Намерата е Движењето Илирида да прерасне во политичка партија. На трибината бев поканет како гостин-учесник. Беџети нѐ информира дека веќе разговарал во суд и дека оттаму го информирале дека програмата и статутот не се во спротивност со Уставот. Во дебатата учествуваа седум доктори на науки и немаше лош збор, ниту омраза и нетрпение кон Македонците. Не станува збор да се менуваат границите, туку за формирање на Република Илирида во рамките на територијата на државата Македонија. Покрај постоечкото да се формира и Собрание на Албанците кое ќе ги претставува сите. Идејата е за федерализација или конфедерација на државата, бидејќи Албанците не се малцинство туку се автохтон народ во Македонија – ни изјави Халили.

Тој не се согласува дека „Република Илирида“ е застарена идеја која сега не би наишла на поддршка меѓу Албанците. Според него, идејата за федерализација има голема поддршка меѓу Албанците тука, но и во дијаспората, бидејќи тие се незадоволни од партиите кои ги претставуваат. Тој смета дека федерализацијата што ја понудиле на референдумот во 1992 година, ако тогаш се реализирала ќе се избегнела војната и жртвите во 2001 година.


Халили и натаму тврди дека Рамковниот договор унапредил дел права на Албанците, но дека тие сѐ уште не се еднакви со Македонците.

Но, правни експерти велат дека доколку Движењето „Република Илирида“ поднесе барање за регистрација на политичка партија со програма и статут кои предвидуваат промена на државно уредување, нема никакви шанси таков политички субјект да биде регистриран од Судот.

– Кога се врши регистрација на партија се ценат основните акти, програмската определба и статутот на политичкиот субјект. При формирање партија, дејноста, определбата и програмата треба да се во рамките на Уставот. Ако со програмската определба на партијата се загрозува уставниот поредок, тогаш актите за барањето за формирање партија се поништуваат и им се препорачува да ги усогласат програмските определби со Уставот.


Федерализација на државата е противуставен акт и секако дека партија со таква определба ќе биде отфрлена, односно нема да биде регистрирана како политички субјект – велат правни експерти.

Уставот е дециден, „Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“, а „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница е неповредлива.“ Непочитувањето на уставниот поредок е кривично дело, а неколку членови од законикот предвидуваат казни затвор над 5 години.

Халили вели дека на дебатата повторно се реафирмирала желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година за политичко-територијална автономија на Албанците. Во изминативе 30 години во неколку обиди Халили и неговите поддржувачи прогласуваа „Република Илирида“. Последно во низата беше кога Халили во 2014 пред споменикот на Скендербег во Скопје ја прогласи Илирида за република.


gif

извор: инфомакс

29060043_2016680208590936_36926234558838