Спектаклот во Кавадарци се подготвувал три месеци


Зборовите ,,спектакуларно пиротехничко шоу” не можат да ја доловат атмосферата, но и бурата од емоции која ги преплави синоќа кавадарчани, по повод 30-от роденден на Лозари Исток, навивачката група на Тиквеш.


Магичната моќ на фудбалот да обединува, вчера ја почувствува целиот град, а граѓаните емотивно и со гордост следеа спектакл, каков што ретко може да се види и во најголемите светски метрополи.

Неверојатното пиротехничко шоу кое го осветли Кавадарци можеше да се забележи дури и од околните места. Ваташа, Марена, па дури и Неготино, сведочеа на настанот со кој Лозари одбележаа јубилеј, но и успехот на фудбалскиот клуб Тиквеш, повторно по 21 година да обезбеди влез во Првата лига.


На социјалните мрежи се објавија стотици фотографии и видео снимки од шоуто, а коментарите на граѓаните ја пренесоа пораката за заедништво, желба за успеси и напредок, но и огромна гордост поради достигнувањата.

-Глетката не остави занемени, па дури и ни измами солзи. Со фудбалот и успесите на нашите момчиња, но и поддршката која им ја дадоа навивачите и цело Кавадарци, испративме јасна порака – Заедно, сложни, ние сме најсилни. Нема место за поделби по никаква основа, солидарноста не води напред! Народот е желен за обединетост– велат кавадарчани.


Градоначалникот Митко Јанчев, кој е спонзор на клубот, за ,,Фокус” вели дека срцето му е полно и порача и во иднина сите заедно да се радуваат на многу спортски победи.


Организацијата на пиротехничкото шоу траела три месеци, и среќен е што граѓаните сведочеа на еден ваков досега невиден настан кај нас, со кој уште еднаш се покажа моќта на спортот да обединува.


gif

Извор: Фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838