Анѓушев: Не сум главен „бос“ на увоз на штетниот мазут

Не сум главен „бос“ на увоз на штетниот мазут, тоа можеле да го направат увозниците, тврди во интервју за „Само вистина“ поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев и сегашен сопственик на компанијата „Брако“ по документарецот „Заговор против воздухот“ на Истражувачката репортерска лабораторија.


Во него беше објавено дека токму Анѓушев во 2018 година се сретнал со сопствениците на компаниите „Евротим“ и босанската „Хифа Оил“, компании поврзани со увоз на сомнителниот мазут којшто се користел и во државни институции и во приватни компании.


-На средбата не разговаравме ни за „м“ од мазут, ни за „н“ од нафта, тврди Анѓушев и вели дека ниту пред средбата, ниту после средбата комуницирал со сопствениците на овие две компании.


Според него, ниту тој, ниту , негова компанија не увезла во земјава ниту еден литар било каков нафтен дериват, ниту еден колограм мазут.


-„Брако’ троши 15 тона месечно мазут, односно 0,5 отсто од вкупната потрошувачка на мазут, а од јуни ние воопшто нема да употребуваме мазут. Мазутот го купуваме од фирми што се овластени, една од нив е фирмата „Евротим“, но најмногу купуваме од „Лил оил“ и од „Супер трејд“. И не ми е јасно како „Брако“ стана централна тема во емисијата. Дали со тоа требало да се добие сензационалност и гледаност или е од лукративни причини, инспирирано од вистинските сторители, јас само поставувам прашања, рече Анѓушев.

Тој побара сите одговорни за загадувањето да сносат одговорност и оваа сторија да се затвори до крај.


-Но, не ми е јасно зошто ги нема тие што навистина увезувале. Компаниите кои купуваат не можат да го направат тоа, увозниците се тие кои можат да го направат тоа дело, рече Анѓушев.


Според ИРЛ, босанската фирма „Хифа оил“ преку која маслото по потекло од „Унипетрол“ од Чешка, во земјава го увезувала фирмата „Евротим “ од Кичево. Најголем клиент на компанија од Кичево,била поранешната фабрика ФЕНИ, а сега „Еуроникел“ од Кавадарци и „Брако“. Според ИРЛ, двете компании почнале да го користат босанскиот мазут по средба во Владата меѓу Кочо Анѓушев, како тогашен вицепремиер.



извор: фокус

29060043_2016680208590936_36926234558838